Илјадници граѓани, волонтери и ученици, заедно со општинските градоначалници, се приклучија во масовната акција за чистење на Скопје. Локалните власти порачаа дека нема да има толеранција за намерното загадување на јавните површини и најавија дека ваквите теренски активности ќе продолжат со засилен интензитет двапати месечно.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска заедно со своите колеги градоначалници, учениците, волонтерите и бројни граѓани, ја продолжи големата еколошка акција насочена кон расчистување на главниот град.
„Со моите колеги градоначалници, кои ја предводеа акцијата во своите општини, со младите, волонтерите и илјадници сограѓани, повторно ги здруживме силите за почист град. Од срце ви благодарам на сите. До оние што фрлаат отпад по улиците и парковите имам јасна порака. Пред да фрлите нешто на земја, сетете се дека денес ваш сосед се наведнал токму таму за да исчисти. Почитувајте го неговиот труд“, изјави Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски подвлече дека за несовесното однесување и загадувањето нема да има никаков компромис, најавувајќи редовно организирање на слични акции во следниот период со цел зачувување на животната средина.
