Нова музејска поставка ја прикажува македонската историја на интерактивен и инспиративен начин

Со свечено отворање на новата поставка во Националниот археолошки музеј, премиерот Христијан Мицкоски порача дека Македонија ја претвора својата историја во светлина која ја води иднината. Тој нагласи дека повеќе нема застој и запоставување на националниот идентитет, а задачата на Владата е да ја отвори државата кон светот и да го доближи културното наследство до јавноста, туристите и младите генерации.

„Отворањето на новата поставка во Националниот археолошки музеј не е само културен чин, туку и силна порака дека Македонија ја цени својата историја и ја претвора во светло што ја води иднината“, изјави премиерот.

Тој потсети дека речиси седум години ваквиот сегмент од културата бил во мораториум, но денес, со оваа поставка, се испраќа јасна порака дека нема повеќе застој. „Археологијата не е само минато – тоа е живо сведоштво за развојот, креативноста и упорноста на нашите предци. Со оваа нова поставка, како што посочија од Националниот археолошки музеј, нашето културно наследство ќе биде прикажано на уште подостапен, интерактивен и инспиративен начин. Тоа е инвестиција во знаење, во културна самосвест и во национална гордост“, нагласи Мицкоски.

Премиерот додаде дека Македонија има што да понуди, од најстарите артефакти, преку големите археолошки откритија, до богатствата што ја дефинираат улогата на државата во европската и светската културна историја.

„Оваа нова поставка е повеќе од музејски експонат – таа е прозорец кон светот. Со неа ја унапредуваме промоцијата на нашата култура, ја јакнеме туристичката понуда и ја потврдуваме позицијата на Македонија како држава со длабоки корени и со јасна визија за иднината. Дозволете ми да изразам благодарност до сите што работеа на оваа поставка – од археолозите, историчарите, кураторите, до целокупниот тим кој вложи труд, знаење и страст. Вие сте мостот помеѓу минатото и иднината“, рече премиерот.

Тој заврши со порака дека културата е темелот врз кој се гради една нација, а Владата ќе се погрижи тој темел да биде силен, видлив и достапен за секој граѓанин и секој посетител.

„Нека ова отворање биде потсетник дека сме должни да чуваме, негуваме и промовираме сè што претставува душа на нашата татковина“, дециден е Мицкоски.