Ваков план би требало да обезбеди една институција, која ќе биде одговорна за координација на активностите за прилагодување кон климатските промени, наместо растуреност и дисперзија на надлежностите меѓу повеќе институции како што е случајот во моментов. Овој план ќе мора да обезбеди и силен систем за координирање и комуницирање помеѓу власта и општините, бидејќи целиот товар за обезбедување спроведување ќе падне токму на нив, велат активистите по повод 17 Јуни, Светскиот ден на суша и опустинување.

Тие бараат од централните власти да го забрзаат процесот на планирање на адаптацијата кон климатските промени и во сите активности да се вклучат локалните власти, а целиот процес да биде транспарентен и да овозможи активна вклученост на сите граѓани.

Воедно потсетуваат и дека земјава има Стратегија за адаптација на здравствениот сектор кон климатските промени, но таа престанала да важи во 2015 година и оттогаш нема никаков плански документ за прилагодување на здравствениот сектор кон климатските промени, иако пандемијата покажа дека токму овој сектор мора да биде приоритетен.

Климатските промени се одразуваат и врз земјоделството, а над 90 отсто од производителите сметаат дека државата треба да го реши проблемот. Не преземаат ништо, зашто како што истакнуваат, процесите на прилагодување им се многу скапи.

– Во пчеларството најмногу ги чувствуваме климатските промени бидејќи последните неколку години добиваме минимални количини мед, а во одредени региони нема воопшто никакви приноси, па доведено е во прашање и самиот опстанок на пчелните семејства, истакнува Менде Трајковски од Сојузот на пчеларски здруженија на Македонија.

Според Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција, родот е со се помал квалитет, а сведоци сме и на целосно уништени посеви или овоштарници во зависност од тоа каде ќе зафати невремето.

– Но, и покрај ова, над 90 отсто проценти од земјоделците сметаат дека државата треба да го реши проблемот со климатските промени и активности за прилагодување кон климатските промени сметајќи дека тоа се премногу скапи процеси, а и нема кој да ги води низ процесот, односно досега немало посебна стратегија за адаптација на земјоделството кон климатските промени, а во последната Национална стратегија за земјоделство и рурален развој првпат се споменуваат одредени мерки и активности за прилагодување на земјоделското производство кон климатските промени, оценува Јоноски.

Бојана Станојевска Пецуровска од Центарот за климатски промени нагласува дека топлотните бранови се тешки да се предвидат бидејќи недостасуваат многу потребни информации од земјите.

– Потребни се бројни метеоролошки податоци за многу параметри и современи метеоролошки станици со цел навремено информирање и превенција со цел да се заштитат луѓето и производството на храна. Од друга страна урбанизацијата и искористувањето на земјиштето, губењето на шумскиот фонд и пожарите играат огромна улога во зачестувањето на топлотните бранови. Во нашата држава во моментов имаме нагорен тренд на грабање на земјиштето и ресурсите кои треба да ги штитиме, напоменува Станојевска Пецуровска.

Светот е соочен со сериозните последици од климатските промени кои стануваат се поочигледни и се потешко да се избегнат. Земјите во развој како нашата се особено погодени поради неможноста финансиски да се справат со загубите и штетите. Токму поради тоа мораме да планираме прилагодување на сите сектори на општеството со цел подобро справување со новонастанатите климатски услови, велат од Неформалната мрежа Коалиција за клима и Неформалната мрежа за следење на преговорите со ЕУ за Поглавје 27- Платформа 27.

Според извештајот на Germanwatch, продолжените топлотни бранови биле најголемиот причинител на човечки жртви и штети во 2018. Само во Германија топлотните бранови помеѓу април и јули 2018 биле причина за 1246 смртни случаи. 70 отсто од почвата била погодена од суша до октомври 2018. Притоа, најмногу на удар се нашето здравје и производството на храна.

Според проекциите за екстремните временски настани изработени во рамките на Четвртиот национален план за климатски промени, земјава во иднина ќе се соочи со потопла и посушна клима, односно се очекува зголемување на топлите екстремни настани и намалување на студените екстремни настани. Очекуваното намалување на летните врнежи и продолжувањето на времетраењето на последователните сушни денови ќе го зголемат ризикот од суша. Со ова, како резултат на потоплите временски услови, должината на вегетацискиот период ќе се зголеми во просек.

– И покрај ова, нашата држава се уште нема национален план за прилагодување на земјата кон овие нови услови на живеење предизвикани од климатската криза. Ваков план би требало да обезбеди една институција, која ќе биде одговорна за координација на активностите за прилагодување кон климатските промени, наместо растуреност и дисперзија на надлежностите помеѓу повеќе институции како што е тоа случајот во моментов. Овој план ќе мора да обезбеди и силен систем за координирање и комуницирање помеѓу власта и општините, бидејќи целиот товар за обезбедување спроведување ќе падне токму на нив, вели Елена Николовска од Еко-свест.

Согласно Специјалниот извештај за клима и здравје на СЗО од 2019, земјите се повеќе го приоретизираат здравјето на луѓето и климатските промени и дури половина од прашаните се изјасниле дека имаат стратегија или план или стратегија за здравство и климатски промени. Загрижувачки само 38 отсто од нив имаат испланирано финансиски средства за најмалку делумна имплементација на овие планови, додека помалку од 10 проценти насочуваат ресурси за целосна имплементација. Само 48 отсто од државите имаат направено проценка на климатските ризици по јавното здравство.