Македонија одбележува пет години од членството во НАТО. Земјава влезе во Алијансата како 30-та членка. Во февруари 2019-та година беше потпишан пристапниот протокол, а по завршување на процесот на ратификација, на 27-ми март 2020-та Македонија и официјално стана полноправна членка на НАТО.

Пет години Македонија во НАТО

Министерот Муцунски денеска на работна средба со амбасадорите на земјите-членки и партнери на Алијансата.

​Овој случај уште еднаш ја покажа важноста на солидарноста која треба целосно и заеднички да ја негуваме како наш главен столб во нашите односи. Како Влада определени сме одлучно да се бориме со корупцијата и сите девијантни појави чија цел е да го ослабат и нарушат нашиот систем. Тоа нема да го дозволиме. Наша цел е да ја зајакнеме довербата и унапредиме функционалноста на системот во кој граѓаните ќе имаат целосна доверба, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Македонија одбележува пет години од членството во НАТО, а според Муцунски ова внесува оптимизам. Членството ја продлабочува соработката и го претвора регионот во синоним на стабилност, развој и економски просперитет.

Денеска имаме можност како земја членка на НАТО да придонесеме кон градење на политичка и безбедносна стабилност, не само за нас, туку и за регионот и Европа, каде што природно припаѓаме. Заедно со вас сојузниците, заеднички ја градиме нашата иднина и заедно се справуваме со безбедносните предизвици со кои се соочува европскиот континент, а кои имаат и глобални импликации. Нашата надворешна политика има три константи – нашето полноправно членство во НАТО, како кредибилен сојузник во Алијансата, нашата целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и нашето стратешко партнерство со САД, кои целосно кореспондираат со нашиот национален интерес и сите одлуки кои што ги носиме се вклопени во таа рамка и се усогласени со нашите национални интереси, додаде Муцунски.

Македонија има обврска да инвестира во одбраната и да ја модернизира армијата, но клучна е соработката со сојузниците и заложбите за мир и безбедност.

Извор: Алфа