Приведени странски државјанки: Полицијата спроведе акција во угостителски објект во тетовско

Во ноќна акција на полицијата, спроведена во угостителски објект на регионалниот пат Тетово-Желино, уапсени се странски државјанки од Бразил, Колумбија, Украина, Франција и Србија. Жените, на возраст од 21 до 38 години, се осомничени за злоупотреба на туристички дозволи, бидејќи работеле како танчарки и келнерки, што е спротивно на условите за престој.

Според извори од полицијата, ваквите активности сè почесто се поврзуваат со трговија со луѓе и сексуална експлоатација, а девојките се или прелажани или свесно се согласуваат да работат под овие околности.

Во оваа конкретна акција дел од девојките наводно работеле како келнерки.

Од русинки и украинки до латиноамериканки – нови трендови

Претходно, најчесто биле приведувани жени од Русија, Украина и Молдавија, кои доминираа во оваа индустрија. Но, последниве години трендот покажува зголемено присуство на латиноамерикански девојки од земји како Бразил и Колумбија.

  • Многу од овие жени се измамени со ветувања за кариера како манекенки или модели. Други, пак, доброволно прифаќаат да работат во овие услови, но најчесто стануваат жртви на трговија со луѓе,“ изјавува извор блиску до истрагата.

Македонската полиција во просек апси десетина странски девојки месечно, од кои дел се сексуални работнички и танчарки од соседството – Србија, Албанија и Косово.

Угостителските објекти под надзор на полицијата

Од полицијата потврдуваат дека угостителските објекти често служат како прикриени локации за активности поврзани со сексуална експлоатација или нелегална работа.

Претходните акции резултираа со апсење на странски државјанки во познати комплекси, како Џевахир во Скопје, како и во рурални области низ земјата.