Македонија со просечна цена од 1,699 евра има најевтин дизел.

Македонија, според платформата fuel-prices.eu/live, со просечна цена од 1,610 евро за литар бензин е трета во Европа по најниска цена на горивата. Пред неа се Турција со цена од 1,477 евра за литар и Шведска со цена од 1,575 евра.

Меѓу десетте земји со најниски просечни цени на бензинот се Босна и Херцеговина со цена од 1,641, Молдавија (1,698), Цена Гора (1,720), Андора (1,732), Хрватска (1,748),Србија (1,763) и Словенија со цена од 1,766 евра за литар.

Најскап бензин се точи во Холандија (2,449 евра), Данска (2,378 евра) и во Финска со просечна цена од 2,364 евра.

Од соседството најскапо гориво има Грција каде што просечната цена на бензинот е 2,203 евра.

Во однос на цените на дизелот платформата fuel-prices.eu/live, Македонија со просечна цена од 1,699 евра има најевтин дизел. Турција има цена од  1,714 евра за литар дизел, Молдавија (1,828), Босна и Херцеговина (1.892), Црна Гора (1,900), Хрватска (1,921), Србија (2,010), Словенија (2,031 евро), Грција (2,229).

Од европските земји и Шпанија има меѓу пониските цени на дизелот 1,930 евра.

Во Данска се точи најскап дизел во Европа. Таму литарот чини 2,532 евра. Во Франција дизелот се точи за  2,387 евра, а во Италија за 2,345 евра.

Во Велика Британија дизел има цена  2,307, бензинот 2,019 евра.

За Европа алтернативите се скапи, а изгледите за поевтини горива се лоши 

Врз цените на горивата големо влијание во текот на изминатите месеци има кризата на Блискиот Исток која почна во февруари, но и напорите на Еврпската Унија да се придржува кон санкциите кон Русија кои предвидуваат целосно ослободување од руските енергенси.

Дополнителен притисок врз цените на горивата во Европа предизвикува и најавата на претседателот на САД Доналд Трамп дека ќе го запре извозот на дизелот на 90 дена.

Посебен проблем предизвикаа и нападите на Украина врз руските рафинерии како и нападите на врз големи рафинерии во Саудиска Арабија, Кувајт и Бахреин, поради што производството беше прекинато или намалено. Запирањето на извозот на нафта од Саудиска Арабија поради оштетениот нафтовот исто така предизвика недостиг од горива во светски рамки.

Поради нарушеното снабдување со сурова нафта од земјите од Заливот, рафинериите се принудени да бараат алтернативни извори или да плаќаат повеќе за обезбедување на суровината. Нарушувањата влијаат и врз снабдувањето со веќе рафинирани производи, како дизелот и авионското гориво. Тоа ги зголемува рафинериските маржи и создава дополнителен притисок врз цените на горивата.

Единствен излез од состојбата е завршување на конфликтите. Американскиот претседател изјави дека е можно завршување на конфликтот на Блискиот Исток по ноемвриските избори во САД. Тоа ги урива надежите дека цената на нафтата и дериватите до крајот на годината ќе се стабилизира.

Цената на нафтата со месеци варира 

Цената на суровата најфта веќе со месеци вари меѓу 95 -110 долари за барел зависно од случувањата и изјавите на челниците вклучени во конфликтите.

Денеска цената на суровата нафта „брент“ падна на 105 долари за барел, прекинувајќи го дводневниот раст поради извештаите дека САД и Иран размислуваат за фазен договор што би можел повторно да го отвори Ормускиот Проток и да ја укине блокадата на САД врз иранските пристаништа.

На маргините на Генералното собрание на ОН, наводно, се во тек напори за постигнување пробив, а катарските претставници посредуваат во разговорите. Иран тврди дека мора да ја задржи контролата врз Ормуз и дека нема да прифати договор освен ако САД не го намалат воениот притисок и не ја отстранат блокадата.

Во меѓувреме, официјален претставник на Белата куќа изјави дека претседателот Доналд Трамп останува отворен за разговори со Иран, но нагласи дека САД немаат голема потреба да преговараат со оглед на нивната силна позиција по кампањата за санкции и блокадата.

На други места, тензиите на Блискиот Исток ескалираа откако милитантите Хути во Јемен, поврзани со Иран, лансираа ракети кон саудиските градови, вклучувајќи ги Јанбу и Таиф.

Цените на Брент се на пат да пораснат за повеќе од 2% за оваа недела.

Што можат да очекуваат македонските граѓани?

Македонија која нема сопствено производство на нафта, ниту деривати е принудена да се прилагодува на светските случувања во снабдувањето со нафтени деривати. Досега владата преку одредени мерки успева да ја задржи цената на горивата на ниво кое можат да го издржат граѓаните.

Владата, според изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, и во следниот период планира да ги задржи цените на горивата на ниско ниво за да го заштити стандардот на граѓаните.

Извор: Плусинфо