Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека Македонија и Србија треба „уште утре“ да бидат примени во Европската унија, нагласувајќи дека нивното членство би донело економски придобивки за целиот регион, вклучително и за Унгарија.
Според него, забрзаното пристапување на Украина во ЕУ би имало катастрофални последици за унгарската економија, па затоа земјите од Западен Балкан треба да добијат приоритет пред „уништената Украина, која само зема пари“.
Македонија, Србија и Црна Гора со приоритет за ЕУ: Орбан против приемот на Украина
Орбан остро се спротивстави на иницијативите на Брисел за забрзано членство на Украина во ЕУ, тврдејќи дека таквиот чекор би бил погубен за економијата на Унгарија. Наместо тоа, тој повика на итно прифаќање на Македонија, Србија и Црна Гора во Унијата, истакнувајќи ги економските придобивки за регионот.
„Србија би можела веднаш да стане дел од Европската унија, и тоа нема да му наштети никому. Напротив, ќе придонесе за значителни економски придобивки за цела Унија, особено за Унгарија, која ѝ е соседна земја. Македонија и Црна Гора исто така заслужуваат брз прием, што би донело извонредни економски корист за Унгарија“, изјави Орбан, според „Јуроњуз“.
Тој додаде дека земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, се на повисоко ниво на развој и функционалност во споредба со Украина, за која рече:
„Земјите од Западен Балкан не можат да се израмнат со разорената Украина, која само троши средства, а не нуди ништо во однос на развој, стабилност или идни можности“, истакна Орбан.
Економски бенефиции наспроти рецесија
Орбан предупреди дека забрзаниот прием на Украин во Европската Унија би можел да ја уништи унгарската економија, додека интеграцијата на Македонија и другите земји од Западен Балкан би донела економска стабилност и раст. Според него, ЕУ треба да се фокусира на регионот што веѳе долго чека на пристап, а не на земја што, според неговите зборови, не е подготвена за членство.
„Унгарија се противи на брзиот прием на Украина во ЕУ, бидејќи тоа би предизвикало економски колапс за нас. Наместо тоа, Унијата треба да го забрза процесот за земјите од Западен Балкан, каде Македонија и Србија можат да донесат вистински економски придобивки“, рече Орбан.
Иднина за Западен Балкан или економски ризик?
Изјавите на Орбан доаѓаат во време кога ЕУ се соочува со поделби околу политиката на проширување, особено по забрзаниот пристап на Украина и Молдавија, што предизвика незадоволство кај земјите од Западен Балкан.
Македонија, која е кандидат за членство од 2005 година, сè уште чека отворање на преговорите, поради спорови со Бугарија. Орбан, како лидер на земја што во моментов го држи претседателството со ЕУ, повика на итна акција за интеграција на регионот, предупредувајќи дека одлагањето би можело да ги оддалечи овие земји од европскиот пат.