Флорин Танасе го отвори резултатот во 28-та минута, откако излезе сам пред голманот Столе Димитриевски, додека Валентин Михаила погоди со удар од далечина во 50-та минута. Аријан Адеми и Александар Трајковски донесоа израмнување за две минути, погодувајќи во 83-та и во 84-та минута, откако влегоа од клупата за резерви во второто полувреме. Јанис Хаџи, синот на легендарниот Георге Хаџи, го постигна решавачкиот гол веќе во 86-та минута. Адеми повторно ја затресе противничката мрежа во последната минута од судиското надополнување, но погодокот беше поништен поради офсајд.
„Црвено-жолтите“ пропуштија изгледни прилики и преку Илија Несторовски, Горан Пандев и Елиф Елмас во првиот дел, додека Енис Барди и Аријан Адеми не ги реализираа најдобрите шанси во второто полувреме.
Во 70-та минута имаше и спорна ситуација кога македонските репрезентативци бараа пенал по наводна игра со рака на противнички фудбалер во романскиот шеснаесетник, но судијата не покажа на белата точка.
Германија очекувано славеше против Исланд со 3-0, додека Ерменија го совлада Лихтенштајн на гости со 1-0 во преостанатите вечерашни дуели од групата Ј.
Избраниците на Игор Ангеловски в недела го пречекуваат Лихтенштајн, додека три дена подоцна гостуваат кај Германија.
На СП 2022 од квалификациите од Европа ќе се пласираат десетте победници на групите, како и уште три репрезентации од баражот, во кој ќе учествуваат сите второпласирани репрезентации од групите и уште две селекции победнички во групите од Лигата на нациите, кои не се пласирале директно или не го освоиле второто место во групата од квалификациите.