Безживотното тело на 75-годишна македонска државјанка вчера попладне било извлечено од морето кај Неа Каликратија, во општината Неа Пропонтида на Халкидики, соопшти грчката Крајбрежна служба, а пренесе МИА.

Според соопштението, крајбрежната управа во Неа Муданија била информирана дека „75-годишна странска државјанка, државјанка на Република Северна Македонија, била извлечена без знаци на живот од морската област Неа Каликратија“.

Жената со амбулантно возило на брзата помош била пренесена во Здравствениот центар во Неа Муданија, каде што лекарите ја констатирале нејзината смрт.

Надлежната крајбрежна управа, која ја спроведува предистражната постапка, наредила да биде извршена обдукција во Институтот за судска медицина во Солун.