Возачот бил фатен кај клучката „Рафинерија“, на делница каде што дозволената брзина е 100 километри на час

Српски државјанин е приведен откако полицијата го затекнала како управува „Порше“ со брзина од 188 километри на час на автопатот Куманово–Скопје. Станува збор за 30-годишниот Б.С., кој бил сопрен кај клучката „Рафинерија“ при редовна сообраќајна контрола.

– При контрола во патниот сообраќај, извршена со радар, полициските службеници сопреле патничко моторно возило „Порше“ со српски регистарски ознаки, управувано од Б.С. (30). По извршеното мерење било констатирано дека возачот се движел со брзина од 188 километри на час, на делница каде што со сообраќаен знак максимално дозволената брзина е ограничена на 100 километри на час, соопшти МВР.

Поради сторениот прекршок, возилото било одземено, а возачот бил приведен и задржан во полициска станица за понатамошна постапка.

Од МВР апелираат на почитување на сообраќајните правила

Од Министерството за внатрешни работи потсетуваат дека непочитувањето на ограничувањата на брзината е една од најчестите причини за тешки сообраќајни несреќи.

– Управувањето со моторни возила со брзина поголема од пропишаната претставува една од главните причини за случување сообраќајни незгоди, кои често резултираат со тешки последици по здравјето и животот на граѓаните, наведуваат од МВР и апелираат до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и со одговорно однесување заеднички да придонесат за побезбедни патишта.