Од семејството на починатата Ирена Костовска велат дека се гневни што во една рутинска операција за отстранување миом на матка, нивната најблиска го загубила животот, а зад себе оставила две деца на шест и осумгодишна возраст.
– Ирена на 22.4.2021 година беше оперирана од д-р Викторија Јовановска, директорка на ГАК. Операцијата поминува „успешно“, отстранет ѝ е миом на матката, но Ирена има проблеми со подуеност на стомакот што се „решава“ со пробиотик! Утрото на 28.4.2021 состојбата ѝ се влошува и откако на ГАК ја отвораат и сфаќаат што се случило, ја испраќаат во Клиниката за абдоминална хирургија каде што е извршена уште една интервенција од д-р Љубомир Огњеновиќ. Констатирано е дека при шиење на матката, на 4 места е продупчено и сошиено тенкото црево што довело до контаминација на организмот со фекалии и труење. Последниот обид на д-р Огњановиќ да направи интервенција е на 6.5.2021, тенкото црево е скратено и санирани се загноените рани, ставено е дрен за да може организмот да ја исфрли непотребната течност. На 9.5.2021 околу 14 часот од мои лични извори добив информација дека Ирена починала – рече во изјава за „Слободен печат“ деверот на починатата, Никола Костовски.
Тој се надева дека ќе има ревизија на постапката направена во ГАК и дека некој ќе понесе одговорност за прераната смрт на Ирена.
Од ГАК, во врска со случајот, вчера информираа дека Комисијата за контрола на квалитет при клиниката, по разгледување на документацијата од приемот до исписот заклучила дека пациентката е лекувана и третирана по сите протоколи, под висок стручен надзор.
-Пациентката е примена на ГАК на 21.4.2021 година со голем тумор на матката и ѝ е извршена операција на 22 април со уреден оперативен тек. Во првите шест дена пациентката е стабилна и е на исхрана преку уста. Шестиот постоперативен ден, поради нагло влошување на состојбата (силна болка), пациентката повторно е подложена на оперативен зафат во присуство на абдоминален хирург заради утврдување на причините за влошување на состојбата. Интраоперативно е најдена спонтана руптура на тенко црево (најверојатно како резултат на претходните болести), наведуваат од ГАК.
Во договор со абдоминален хирург, додаваат оттаму, пациентката била префрлена на Клиниката за дигестивна хирургија каде настанува повторна компликација со цревата најверојатно поради претходните болести и пациентката е повторно оперирана. Постоперативно пациентката е во стабилна состојба и е хоспитализирана на Клиниката за дигестивна хирургија. Утрото на 9.5.2021 година, под сомнение за белодробна тромбоемболија, пациентката итно е префрлена на КАРИЛ, каде што починала по многу кратко време. Напоменуваме дека пациентката беше со коморбидитети и со претходни оперативни зафати (пред пет години ѝ е отстранета слезинка и лимфни јазли, стои во соопштението од ГАК.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера во изјава за медиумите нагласи дека е запознаен со случајот и дека ќе иницира соодветен надзор преку Државниот санитарен инспекторат, а ако треба ќе биде спроведен и стручен надзор.