Околу 50 отсто од проблемите и прашањата во психолошката ординација се за новите стресови, констатира клиничкиот психолог од прилепската болница Јован Велески. Живееме во тешки постковид времиња обременети со економска криза и изместени вредности. Се наметнува не само депресивност кај единката, граѓанинот, туку и на целото општество што се нарекува Eномија.

Според Велески, новите генерации имаат помала можност за адаптација. Се појавуваат нови феномени на менталното здравје. Половина од прашањата на граѓаните кои бараат психолошка помош се за новите стресови.

Три децении имавме пролонгиран период на транзиција, но еден од поголемите стресови е пандемијата и на сите тие промени кои следеа со неа – вакцинации, нови системи на живеење, нови системи на комуникација, на учење. Сето тоа доведе до нови правила на живот, кои пак, диктираат нова адаптација. Општиот адаптациски синдром кај луѓето се појавува токму тогаш за да може човекот како единка да преживее, да се снајде во тие текови. Моментално, можам да кажам дека се појавуваат некои нови феномени на промена на менталното здравје, зашто отпорноста на стресови, кај новите генерации е изменета, вели психологот Велески.

Велески посочува на неодамнешна објавена студија во која зет-генерацијата, а таа е генерација родени од 1995 до 2000 година, има поинакви сфаќања на животот, со помала способност за адаптација и со помала способност да ги решава практичните животни проблеми. Тоа значи дека повеќе се структурира егото на секоја единка.

-Вредностите на нашето општество се обезличија. Дојдоа на некое друго ниво каде реалните квалитети – моралност, чесност, прифаќање на одговорност, веќе немаат значење, зашто луѓето кои се успешни во ова општество ги немаат тие квалитети и младите од таа „зет-генерација“, бараат начин како да се вклопат во овој систем за да успеат. Амбициозните интелектуалци си заминуваат од државава, оние вредните кој сакаат друг систем. Оние кои сакаат да останат, имаат друг проблем, а тоа е-како да се носат со луѓето кои имаат сè понеодговорни, помали квалитети, а сакаат да бидат на повисоки позиции и да уживаат поголем бенефит. Во глобала, карактеристиките на оваа генерација е што не сакаат многу комуникации, не сакаат многу брачни обврски и одговорност при релации и врски. Сакаат да работат, претежно од дома, ритамот на спиење им е нарушен и изменет. Кога би излегле во средината каде има поголема динамика на движење и активности, се наоѓаат под стрес или не знаат како да реагираат. Главно, такви проблеми се појавуваат во ординацијата. Околу 50 насто во прашање се новите стресови, додека пак, другото се последици од стресовите од транзицијата. Моменталната состојба со медицинската психологија и со менталното здравје во Прилеп е оваа која бара сосема поинаков пристап и поинаква ориентација за да се одговори на потребите на граѓаните, заклучува клиничкиот психолог Јован Велески.

Еномијата или своевидната депресивна состојба на целото општество има свои причини. Напуштањето на реалните вредности, но и големата партизација на општеството.