Македонската ракометна репрезентација вечерва со почеток од 18 часот во „Таурон арена“ во Краков ќе ја има последната шанса со победа над директниот конкурент Аргентина да обезбеди пласман во втората фаза на Светското првенство во Полска и Шведска.

Победата е единствена опцијата за македонските ракометари откако во двете воведни кола во рамки на групата Ф претрпеа убедливи порази со двоцифрена разлика од Норвешка (27-39) и Холандија (24-34).

Со триумф над Аргентина избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе го продолжат мундијалскиот настап во новоформираната група со Норвешка, Холандија, Германија, Србија и Катар, додека, нерешен резултат или пораз ќе ги однесе „црвено – жолтите“ во т.н. „президент куп“ во кои репрезентациите ќе разигруваат за пласман од 25. до 32. место.

Селекторот Лазаров на вчерашната прес – конференција нагласи дека со максимална концентрација и фокусираност Аргентина може да биде совладана.

– Дојдовме тука со цел да ја минеме првата фаза и утре е главната битка за нас со Аргентина. Станува збор за екстра квалитетен противник кој и вчера со Норвешка покажа дека игра цврст и добар ракомет. Сметам дека сме тука некаде со квалитетот, доколку сакаме да победиме мора да одиграме максимално во сите шеесет минути, изјави Лазаров.