Собранието е домаќин на Третата регионална конференција посветена на улогата на ефикасниот парламентарен надзор во унапредувањето на процесот на пристапување кон ЕУ. Конференцијата е поддржана од Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ), преку Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), во рамките на активностите на Мрежата на секретаријати на парламентарните комисии за европска интеграција/европски прашања на парламентите од Западен Балкан.

Дискусиите за законодавната и надзорната функција, парламентарната дипломатија, административните капацитети, комуникацијата и видливоста, како и за улогата на парламентите во следењето на Реформската агенда, се од исклучителна важност. Тие треба да резултираат со конкретни заклучоци и препораки што ќе ги зајакнат нашите институции.

Во своето обраќање, потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања истакна дека европската интеграција претставува стратешка цел на сите земји од Западен Балкан. Тој нагласи дека процесот на пристапување кон Европската Унија во Република Македонија е прифатен со широк политички и општествен консензус.

Говорејќи за улогата на парламентите во процесот на европската интеграција, тој посочи дека националните парламенти имаат клучна улога во спроведувањето на реформите, усогласувањето на законодавството со европското право и обезбедувањето на демократскиот надзор врз процесот на пристапување.

Во своето поздравно обраќање, Марина Димовска, генерална секретарка на Собранието, истакна дека ваквите конференции имаат посебна вредност затоа што овозможуваат директен и отворен дијалог, размена на искуства и заедничко разгледување на предизвиците и можностите со кои се соочуваат парламентите во Регионот на патот кон ЕУ.

Процесот на европска интеграција не е само процес на усогласување на законодавството со европските стандарди. Тој е суштински процес на институционална трансформација, зајакнување на демократските механизми, владеењето на правото, транспарентноста и одговорноста на институциите. Ефективниот парламентарен надзор подразбира создавање систем во кој институциите се меѓусебно одговорни, одлуките се носат транспарентно, јавните политики се предмет на аргументирана дебата, а преземените обврски во процесот на европска интеграција се следат, оценуваат и навремено исполнуваат.

Заеднички предизвик е парламентарниот надзор да биде ефективен, професионален и транспарентен – рече Димовска.

Беким Сали, министер за европски прашања, истакна дека парламентите се во сржта на процесот на европската интеграција и имаат исклучително значајна улога во неговото спроведување.

Тој посочи дека токму парламентот ја поттикнува инклузивноста и транспарентноста во процесот на спроведување на реформите, нагласувајќи дека брзината во донесувањето на реформите не треба да биде поважна од нивниот квалитет. Патот кон ЕУ треба да биде проследен со подобри јавни услуги, поефикасни институции и поквалитетен општествен живот за сите граѓани – заклучи тој.

Јан-Аксел Фос, в.д. амбасадор на Сојузна Република Германија во Скопје, истакна дека проширувањето на Европската Унија претставува приоритет и јасна определба на германската Влада и е дел од нејзината секојдневна работа. Како в.д. амбасадор во земјата, Фос посочи дека во изминатиот период забележал напредок во спроведувањето на реформската агенда.

Во однос на улогата на Собранието, тој нагласи дека парламентот има клучно значење во обезбедувањето меѓупартиска дебата, спроведувањето на реформскиот процес, како и во вршењето на демократскиот мониторинг и надзор врз работата на извршната власт.

Во однос на втората сесија на тема: Парламентите како носители на соработката: значењето на парламентарниот придонес за зајакнување на регионалната соработка, Маја Рибар-Саркиновиќ, политички советник, Совет за регионална соработка и Ана Крстиновска, извршен директор, Естима имаа свои презентации за актуелните приоритетни области во рамките на регионалната (и меѓурегионалната) соработка и како парламентите можат активно да придонесат преку надзорната функција, парламентарната дипломатија и другите клучни функции.

Рибар-Саркиновиќ посочи дека Западен Балкан останува во центарот на европската стратешка агенда, во времиња на глобална неизвесност, регионaлnата соработка е една од нашите најмоќни механизми, тоа е нешто што заеднички може да се изгради и ги прави нашите економии и општества посилни без разлика на поширокиот геополитички контекст. Во минатите години регионалната соработка се преструктуираше од посветеност во конкретни резултати, граѓаните и бизнисите го чувствуваат ова во секојдневниот живот.

Парламентите имаат клучна улога, но регионалната посветеност треба да биде пренесена и во домашните активности преку буџети, надзор на извршна власт, политички дијалог во регионот. Преку парламентарни мрежи, дијалог на соседни парламенти, ова може да се постигне и регионалната соработка да стане дел од рeдовната работа на парламентите. Оттука, парламентарната вклученост значи одржување на довербата на јавноста.

Крстиновска од Естима се осврна на прашањата каде сме денеска, каде е регионалната соработка во моментот и како би изгледала во случај на интеграција во ЕУ и што можат да направат парламентите за да ги ублажат ризиците и да ги максимизираат последиците. Потоа следеше заедничка дискусија.

Во рамки на настанот беше одржана презентација на тема „Преглед на состојбата со спроведувањето на принципите на ефективен парламентарен надзор во процесот на европска интеграција: законодавна функција и надзорна функција“. Презентацијата ја одржа експертот од ГИЗ, Александар Андрија Пејовиќ, кој ги презентираше наодите од Извештајот за напредокот во примената на парламентарните принципи за 2025 година.

Пејовиќ ги издвои петте клучни области опфатени со Извештајот: законодавната и надзорната функција, транспарентноста, ИПА и меѓуинституционалната соработка. Тој нагласи дека парламентите треба активно да се вклучат уште во претпристапната фаза на подготовката на Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија (НПАА), при што законодавниот надзор претставува значаен инструмент за остварување влијание врз работата на Владата.

Пратеничката Даниела Белимова истакна дека ако сакаме европската интеграција да биде успешна, треба да продолжиме да го јакнеме Собранието како институција што не само што ги усвојува европските стандарди, туку се грижи тие стандарди да живеат во нашето општество. Членството во ЕУ не се заработува само со усвоени закони, туку со институции што функционираат, со одговорност, со демократска контрола и со резултати што ги чувствуваат граѓаните. Да ја направиме европската агенда наш заеднички именител зашто само со силно, активно и одговорно Собрание можеме да изградиме европска земја – рече Белимова.

Во продолжение се даде преглед на состојбата со спроведувањето на принципите на ефективен парламентарен надзор во процесот на европска интеграција: парламентарна дипломатија, административни капацитети, комуникација и видливост.

На темата збореше Демуш Шаша, експерт на ГИЗ, кој ги презентираше наодите од Извештајот за напредокот во примената на парламентарните принципи за 2025 година.

Притоа, ја истакна потребата од што повеќе правни договори и средби со колегите од ЕУ и лидерски средби на Парламентите. Исто така, важно е пополнување на работните места во администрацијата; изготвување планови за годишно буџетирање; создавање годишен календар; овозможување специјализирани обуки и програми за вработените; испраќање парламентарен службеник во Европскиот парламент; пренос во живо на пленарните и комисиските седници во насока на транспарентноста; забрзан процес на дигитализација, влијание на социјалните мрежи; редовни брифинзи за информирање на јавноста за преземените чекори кон евроинтеграцијата.

Експертот Шаша се осврна и на успешните парламентарни практики. Меѓу другото, како добри примери ги истакна едукацијата за ЕУ, овозможување онлајн платформи за запознавање со работата на Унијата, како и поставување административни службеници одговорни за мисијата во ЕУ. Размената на успешните приказни го олеснува патот и ја зацврстува подготвеноста за евроинтеграција.

Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, го затвори првиот ден од Конференцијата, порачувајќи реформите да не останат само на хартија, туку да донесат резултати кон заедничка европска перспектива.

Конференцијата продолжува утре, кога ќе се дискутира како да се зајакне парламентарниот надзор врз реформската агенда, како и за можните сценарија за новиот тек на процесот на проширување.