Францускиот претседател Емануел Макрон денеска на својот гостин во Елисејската палата, новиот австралиски премиер Ентони Албанезе, му соопшти дека сака да се фокусира на иднината во билатералните односи, додека двете земји се обидуваат да ги обноват релациите што беа сериозно оштетени откако Канбера се повлече од профитабилниот договор за подморници со Париз.

Односите меѓу западните сојузници се заладија минатиот октомври кога Австралија се откажа од француската програма за подморници, вредна повеќе милијарди долари, во корист на подморниците што ќе се градат со американска и британска технологија.

Макрон и Албанезе беа прашани од новинарите во Елисејската палата дали Австралија треба да се извини.

-Тој не е одговорен за тоа што се случи, рече Макрон. „Ќе зборуваме за иднината, а не за минатото“, додаде францускиот претседател.

Одлуката на Австралија да го раскине профитабилниот договор го налути Париз, а Макрон бурно реагираше. Тој го повлече францускиот амбасадор од Австралија, го обвини тогашниот австралиски премиер, конзервативецот Скот Морисон, дека лаже, додека францускиот министер за надворешни работи рече дека Канбера „му забила нож во грб на својот сојузник“.

Партијата на Морисон ги загуби изборите во мај, а неговиот лабуристички наследник вети дека ќе ги обнови врските со Франција.

Во француската претседателска палата, Албанезе му се заблагодари на Макрон за топлото добредојде, се чини, пред се алудирајќи на спорот. „Довербата, почитта и чесноста се важни“, рече тој.