Женската сениорска ракометна репрезентација на Македонија го заврши настапот на меѓународниот пријателски турнир во Анкара со максимален учинок, совладувајќи го домаќинот Турција со резултат 30-27, откако и на полувремето водеше со 16-15.

Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Сара Ристовска со шест, Јована Кипријановска со пет и Бојана Коцева со четири погодоци. По трипати погодија Теодора Дукоска и Катерина Дамјаноска.

Претходно македонските ракометарки беа подобри од селекциите на Финска и Италија.

Ова претставува последен тест за националниот тим пред почетокот на претстојното Европско првенство.

Првиот натпревар на континенталното натпреварување Македонија го игра на 4. декември против Швајцарија, два дена подоцна игра против Романија, додека на осми ќе ги одмери силите со Норвешка, при што Клуж е град домаќин на нашата група.