Шпанската Влада подготвува итно префрлање на околу 500 малолетни девојчиња од Сеута на континенталната територија на земјата. Станува збор за малолетнички кои пристигнале од Мароко пред три недели, во периодот на масовниот прилив на мигранти во шпанската енклава.

Според шпанската новинска агенција ЕФЕ, планот предвидува девојчињата што е можно побрзо да бидат префрлени во европскиот дел на Шпанија. Со идејата, според весникот „Ел Паис“, се согласила и локалната администрација во Сеута.

Уште пред две недели беше најавено дека малолетните мигранти од Сеута ќе бидат префрлени во други делови на Шпанија. Тогаш беше посочено дека приоритет ќе имаат децата помлади од 13 години, како и девојчињата.

Во Шпанија важи закон според кој малолетен мигрант што ја преминал границата без родител или старател законски потпаѓа под старателство на шпанската Влада.

Планот за префрлање доаѓа по масовниот прилив на мигранти во Сеута на крајот на јули. Тогаш во енклавата влегоа речиси 70.000 мигранти од Мароко. Најголемиот број подоцна се вратија во Мароко, но неколку илјади останаа во Сеута, меѓу кои и голем број малолетници.

Досега, ниту еден од мигрантите не е префрлен во европскиот дел на Шпанија.