„Добро е што конечно правдата ќе биде задоволена со тоа што Артан Груби е притворен утрово на граничниот премин, тука во Македонија. Она за што се товари и осомничи Артан Груби како тогашен прв вицепремиер е олицетворение, односно симбол на криминалот и корупцијата којашто седум години владееше кога беа СДС и ДУИ на власт. Тоа е само еден доказ дека кога говориме за СДС и ДУИ и нивното владеење, тоа е синоним за криминал и корупција“, истакна Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „Само вистини“ на Канал 5 телевизија.
Манасиевски се осврна на денешното приведување на Артан Груби и нагласи дека конечно правдата ќе биде задоволена. Тој додаде дека во СДС владее фрустрација зошто Артан Груби е уапсен затоа што се свесни што може да сведочи во овој судски случај.
„Фрустрацијата во СДС владее затоа што се свесни што може Артан Груби да сведочи во овој судски случај, а и во некои други. Така што сметам дека од таму доаѓа нивната нервоза и од таму сакаат да направат некаков дефокус како што прават изминативе година дена откако Венко Филипче е претседател на таа партија и нивниот ПР. Така што ова е уште една лага на СДС која се растура како меур од сапуница“, дециден е Манасиевски.
