СДС продолжува со политика на штета на државните интереси, обвинува Манасиевски

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција упати серија обвинувања кон опозициската СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче, оценувајќи дека партијата наводно се подготвува за „ново предавство“.

„Гледајќи низ призмата на историјата, најголемите предавства ги има направено СДС“, изјави Манасиевски.

Тој додаде дека, како што рече, од промени на државни симболи во минатото, денес постојат обиди за нови отстапки.

„Од менување на име, знаме, Устав, за денес повторно СДС да се спремни за ново предавство на чело со Филипче“, рече тој.

Манасиевски тврди дека се работи за „најстрашното предавство“ за македонскиот народ.

„Овој пат не било какво предавство, туку најстрашното за македонскиот народ, а тоа е редефинирање на историјата, негирање на јазикот и идентитетот“, истакна тој.

Според него, „се што сме го учеле и пренесувале од колено на колено, Филипче и СДС се спремни да го променат“, при што додаде дека „утре би потпишале дека постоиме од 1945 година“.

Критики за политичките ставови и уставните измени

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на прашањето за европската интеграција и уставните измени.

„И без разлика на тоа што конечно ЕУ не гледа како достоинствена држава, со напредна економија, која е сериозна во намерите да успее во реформите и да биде пример во регионот, Румен Радев, Венко Филипче и СДС повикуваат на уставни измени“, рече Манасиевски.

Тој постави и прашање до опозицијата.

„За Радев ни е јасно, меѓутоа со што е уценет Филипче за да води таква политика?“, праша тој.

Порака до опозицијата

На крајот, Манасиевски порача дека, според нив, СДСМ не ги брани државните интереси.

„Наместо да застане во одбрана на македонските интереси, тој ги распродава“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека опозицијата ќе претрпи пораз на следните избори.

„Затоа рејтингот им е колку една шака и ќе бидат декласирани на следни избори“, заклучи Манасиевски.