Ракометарите на Вардар 1961 се радуваа на голема победа над лутиот ривал Еурофарм Пелистер од 31-24, со што направија сериозен исчекор кон одбрана на титулата во Суперлигата. „Црвено-црните“ покажаа поголема зрелост во скопскиот пекол, го надиграа битолскиот ривал и заслужено победија.

По мечот, еден од најискусните ракометари во ростерот на вардарци, Дејан Манасков, нагласи дека ова е неверојатен резултат против солиден ривал.

„Ова беше фантастична борба долу на теренот, а тензијата ја направија навивачите. Сепак, на нас кои сме долго во ракометот, добро ни е позната ситуацијата. Среќен сум за победата, прекрасно е што победивме вака високо. Еурофарм Пелистер е еден квалитетен противник, но денес ние бевме подобар тим на теренот. Докажавме дека вредиме, дека Вардар е сè уште е големо име, број еден во Македонија. Одиме понатаму, има уште доста да се игра. Денес ќе прославиме, а од утре се концентрираме на следните предизвици“, кажа Манасков. 

Во пресрет на вториот натпревар во Битола, вардарци се во огромна резултатска предност. Еурофарм Пелистер мора да покаже сосема друго лице доколку сака да ја врати надежта за титулата. Возвратниот дуел се игра на почетокот на мај.