Затоа, според него, секогаш мора со особено внимание, претпазливост и стручност да се разгледуваат прашањата кои се однесуваат на оваа проблематика, бидејќи тие прашања секогаш директно ќе го засегаат и владеењето на правото
Тој нагласи дека владеењето на правото и зајакнувањето на правната држава е врвен приоритет на Владата и Министерството за правда, а токму Уставниот суд е местото каде што се носеле многу важни одлуки за иднината на земјата и се одлучувало за уставноста на многу важни закони.
– Токму затоа сметам дека уставните судии и Уставниот суд, треба да ги имаат сите услови за непречена и пред се квалитетна работа, истакна Маричиќ.
Тој нагласи дека веќе неколку години наназад се провлекува дискусијата околу материјалниот статус на судиите на Уставниот суд, кој е уреден со Законот за платите и другите надоместоци на пратениците во Парламентот и другите избрани и именувани лица во државата и доколку се земат предвид обемот и сложеноста на работите и задачите кои ги извршуваат уставните судии, може да заклучиме дека тоа ги става на повисока позиција од онаа на која што се наоѓаат судиите на редовните судови.
– Поаѓајќи од ова, а со оглед на високиот степен на одговорност, неспорно е да се каже дека материјалните права на Уставните судии треба да се доуредат со законски норми. За да може да се постигне повисок степен на ефикасност при работењето, потребно е да се овозможи потребната финансиска и административна независност за непречено функционирање на Уставниот суд, рече Маричиќ.
Според него, во таа насока е и мислењето на Венецијанска комисија која е на став дека би било корисно да се донесе посебен закон за Уставниот суд, со кој би се уредиле прашањата што се однесуваат на статусот на уставните судии, основните услови за поведување на постапка пред Уставен суд и правно дејство од пресудите на Уставниот суд.
– Околу потребата од донесување на посебен закон, укажува и Конечниот извештај на експертската мисија на ТАИЕХ од 2018 година, за заштита на човековите права од страна на Уставниот суд, во кој е наведено дека постојат целосно оправдани причини да се донесе посебен закон за Уставен суд во кој, меѓу другото, ќе бидат опфатени и надоместоците и другите лични примања, додаде Маричиќ.
Тој нагласи дека Министерството за правда се залага за унапредување на статусот на Уставниот суд во нашето општество и е на став дека постои реална потреба од донесување на Закон за Уставен суд, каде детално ќе се уреди статусот, положбата, правата и обврските на судиите и нивниот материјален статус.
– Во случај на отсуство на политичка волја за донесување на Закон за Уставниот суд, прашањето за платите, додатоците на плати и надоместоците може да се реши со донесување нов Закон за платите во правосудниот сектор кој ќе се однесува на платите на уставните судии, редовните судии, јавните обвинители, како и прашањето за статусот на службениците во Уставниот суд, редовните судови и обвинителства, потенцира Маричиќ.
Министерот нагласи дека во моментот во правосудството се случуваат крупни промени и реформи кои се во насока на зголемување на ефикасноста, транспарентноста и независноста на судовите.
– Како дел од овие позитивни реформи ќе биде опфатен и Уставниот суд, кој заедно со сите останати судови и вкупно околу 200 судници во државата ќе бидат дигитализирани во наредниот период. Модернизацијата на овој суд е предвидена за 2022 година, во втората фаза од дигитализацијата, и таа ќе опфати интегриран информациски систем за потребите на Уставниот суд. Овие реформи имаат за цел да ја поедностават работата на судовите и да овозможат непречено функционирање, да ги доближат институциите со граѓаните, медиумите, адвокатите и другите странки во постапката, а со тоа и да се зголеми довербата во овие институции. За непречено функционирање на Уставниот суд, се надевам дека во наредниот период, Собранието ќе ја исполни својата уставна надлежност да ги избере судиите на Уставниот суд, за да може судот да ја врши својата должност на чувар на уставноста и законитоста во државата, нагласи министерот Маричиќ.
Претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати во обраќањето на собирот изјави дека ова е добар обид да се детектираат проблемите со кои се соочува Судот, бидејќи по однос на уставната позиција, многу малку се зборува во стручната јавност и постои очигледен јаз помеѓу уставните норми кои се однесуваат на Уставниот суд и пониските судови, преку кои треба да се оствари целосно неговата уставна улога.
– Дополнително, посебно задоволство ми причинува тоа што денеска ќе биде презентирана и анализата на почитуваниот професор д-р Темелко Ристески која е изработена во рамките на проектот „Уставниот суд – заштитник на владеењето на правото“, спроведен од Институтот за човекови права, со поддршка од Кралството Холандија. Според мене, станува збор за успешен обид за детектирање на проблемите со кои се соочува Уставниот суд, точно дефинирање на она што Уставот го предвидел по однос на Судот во однос на неговата поставеност, но и дадени се и одредени заклучоци по однос на основните прашања, истакна Мурати.
Тој потсети дека на почетокот од оваа година, Судот врз основа на Деловникот, донесе акти за организација и систематизација на Стручната служба, за плати на вработените и вработување и унапредување во Службата, со што во целост е остварена неговата административната самостојност, при што тој самиот ќе одлучува за организацијата на својата служба, за платите на вработените и пополнувањето на работните места.
– Кај сите судии постои свест за предусловите кои треба да се исполнат за целосна независност и самостојност на Судот, но и унапредување на работата на самата институција за што се направени наши опширни анализи и подготвени соодветни нормативни решенија, вклучувајќи измени и дополнувања на Деловникот, но и нацрт-законски решенија кои се доставени до претставниците на извршната власт. Се разбира, патот до крајната цел е долг и полн со препреки. Но, она што е битното е дека се познати проблемите, целите кои треба да се постигнат, но начините како да се остварат истите, додаде Мурати.
Тој потенцира дека е неопходно да се обезбеди функционална, буџетска и административна независниот на Уставниот суд, без кои, како што рече, не може да се говори за негова објективна независност.
– Сите досегашни состави на Уставниот суд ги детектираа овие проблеми, но сегашниот состав почна да работи на надминување на овие проблеми, потенцира Мурати.
Според Мурати, во идниот период треба да бидат преземени три основни чекори во натамошното целосно остварување на самостојноста и независноста и уставната улога на Уставниот суд и тоа целосна буџетска самостојност, унапредување на статусот на уставните судии и унапредување и проширување на уставно-судската заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот.
Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп во обраќањето на собирот нагласи дека Холандија сака да види просперитет и стабилен регион на Западниот Балкан, кој ќе биде дел од ЕУ и НАТО.
Според него, членството во ЕУ ќе овозможи во земјите во регионот да се воспостават силни државни институции, а не владеење на моќни лидери.
Коп потенцира дека владеењето на правото е основа на сите модерни демократии, заедно со почитувањето на човековите права и еднаквоста на сите граѓани пред институциите, па токму затоа неопходна е изградба на доверба на граѓаните во судскиот систем. Таа доверба, според него, ќе влијае на поттикнување и на економскиот развој и просперитет и тоа ќе придонесе за стабилноста на државата.
Холандскиот амбасадор нагласи дека предизвиците треба да се претворат во можности, бидејќи пристапувањето во ЕУ е реалност и за него решава Европскиот совет врз основа на мериторни критериуми, за чие остварување се потребни реформи и трпеливост.
– Холандија останува посветен поддржувач на Република Северна Македонија и на нејзините напори. Целта е јасна. Колку побрзо реформите дадат одржливи резултати, воспоставување на европските стандарди и владеење ма правото, толку ќе се забрза и пристапниот процес, заклучи амбасадорот Коп.
Целта на тркалезната маса е да се организира стручна дискусија со цел да се елаборираат актуелните предизвици поврзани со Уставното судство во земјава и нејзина главна цел е истакнување на важноста на Уставниот суд во земјава, како заштитник на владеењето на правото. Форумот е организиран во рамки на проектот „Уставниот суд – заштитник на владеењето на правото“, кој е финансиран од Амбасадата на Холандија во земјава.
Како што беше истакната на собирот идејата на тркалезната маса е да се подигне свеста за работата на Уставниот суд, да се насочи интересот на јавноста за неговата работа и неговото влијание, да се подобри прибирањето на податоци низ константен мониторниг и анализа на неговата работа и да се зголеми познавањето на јавноста за достапните механизми за заштита на уставноста и законитоста на законите и правните акти, како и на уставно загарантираните човекови права пред Уставниот суд.