За Северна Македонија патот кон ЕУ е отворен, само треба како држава да ги спроведуваме нашите обврски од целиот пакет и од Протоколот којшто беше потпишан во Софија, изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.
– Со одржавањето на првата Меѓувладина конференција и првата сесија на скринингот, на земјата ѝ се отвора еден пат за движење, на чекорење напред, нагласи Маричиќ во вечерашното издание на емисијата „Трилинг“ на ТВ24.
Во врска со унилатералната изјава за јазикот, Маричиќ истакна дека и земјава и Бугарија дале унилатерални изјави, кои немаат никаква важност за целокупното користење на македонскиот јазик во Европската Унија, ниту пак за ставот на другите држави членки.
– Тоа значи само дека Софија изразува свој став како што има изразено и во Обединетите Нации кога ни беше впишан македонскиот јазик. Ние го изразивме нашиот став и тоа прашање не очекуваме да се споменува понатаму. Очекуваме во наредните денови да го потпишеме договорот за ФРОНТЕКС со македонски јазик, каде што и Бугарија ќе го потпише како една од државите членки и сметаме дека за нас ова прашање е затворено, рече Маричиќ, потенцирајќи дека не очекува ова прашање понатаму да се отвора.