Во Македонија ќе се воспостави пилот-систем за видеонадзор на депониите, чија цел е рано откривање пожари и поефикасна заштита на животната средина. Системот ќе користи современи камери, интелигентна видеоаналитика и вештачка интелигенција за навремено препознавање чад, оган и други потенцијални опасности.

Меморандумот за соработка за реализација на проектот го потпишаа министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, директорот на Центарот за управување со кризи Мухамед Али и Владимир Буревски, во име на скопската компанија „Модирум Платформс“.

Со документот се воспоставува рамка за воведување на пилот-системот и се определуваат обврските на институциите и компанијата вклучени во проектот.

Центарот за управување со кризи ќе врши 24-часовен мониторинг. Доколку системот идентификува ризик, ЦУК ќе ги известува надлежните институции, со што треба да се обезбедат побрза реакција и подобра меѓуинституционална координација.

Компанијата „Модирум Платформс“, која со својата технологија и експертиза учествува во иницијативи за заштита на животната средина, спречување ризици и подобрување на јавната безбедност, ќе ја обезбеди потребната опрема за привремено користење во период од една година. Опремата се отстапува како дел од поддршката на компанијата за проекти од јавен интерес.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање посочуваат дека преку пилот-проектот се унапредува примената на современите дигитални технологии во заштитата на животната средина, со акцент на превенцијата, раното предупредување и поефикасното реагирање.

Резултатите од пилот-фазата ќе послужат како основа за разгледување на можноста системот да се прошири на национално ниво.