Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ од денеска е во тридневна официјална посета на Брисел, во чии рамки покрај следењето на билатералните скрининг состаноци за Поглавје 6 и 7, ќе оствари билатерални средби со претставници на Европскиот парламент и на Европската комисија.
Вицепремиерот утре ќе го отвори билатералниот состанок за Поглавјето 7″Право за интелектуална сопственост“, а попладнето во Европскиот парламент ќе се сретне со европратениците: Ирена Јовева, Дејвид Мекалистер и со бугарскиот европратеник и известувач за Република Македонија, Илхан Ќучук.
Во четврток главниот преговарач со ЕУ ќе се сретне со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји и со новиот генерален директор на Генералниот директорат за соседска политика и проширување на Европската комисија (ДГ НЕАР), Герт Јан Копман. Истиот ден Маричиќ ќе се сретне и со Марко Маковец, заменикот на Генералната директорка за Западен Балкан во Службата за надворешна политика на ЕУ Ајкхорст, со вршителката на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот Директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата, Микела Матуела и директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ.
Работната посета на Брисел вицепремиерот Маричиќ ќе ја заврши со средба со Симон Мордју, дипломатски советник на Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Теми на состаноците ќе бидат текот на скрининг процесот, изработката на приоритетниот реформски план и подготовките за спроведување на тековните задачи и обврски, за побрз напредок во процесот на преговори со ЕУ.