Треба да се има предвид дека ова е само еден круг на избор, јас сум сигурен дека во иднина ќе има и други избори на јавни обвинители на различни нивоа, така што секој добар и квалитетен обвинител кој што има што да покаже може да се надева и да конкурира да биде избран и во иднина, вели министерот за правда Бојан Маричиќ во изјава за ТВ21, запрашан околу одлуката Ленче Ристоска да не биде избрана за виш обвинител.
Ова не е ни прв ни последен конкурс или оглас на кој што се бираат обвинители. Не е коректно министерот да навлегува во постапката на изборот ниту пак да коментира конкретно кој бил избран, а кој не. Тоа е исклучителна проценка на Советот на јавни обвинители. Мислам дека не е спорно дека таа е квалитетен обвинител, тоа го покажала на дело. Впрочем, владата во договор со обвинителството ја предложи за претстваник во Евроџаст, тоа е европската мрежа за судско обвинителстка соработка во Хаг, каде што таа ја претставува државата. Мислам дека со самото тоа веќе сме го кажале мислењето – вели Маричиќ.
Маричиќ смета дека Советот на обвинители има начин и критериуми по кој што цени кои обвинители треба да бидат избрани, а Владата во тој дел нема право и не треба да коментира.