Американскиот државен секретар Марко Рубио категорично ги отфрли тврдењата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Вашингтон привремено ја запрел размената на разузнавачки информации со официјален Киев. Рубио ги оцени таквите изјави од украинска страна како целосно неразбирливи и невистинити.
Шефот на американската дипломатија посочи дека станува збор за погрешно претставување на состојбите, истакнувајќи дека каналите за безбедносна координација функционираат без политички блокади.
„Не знам од каде ги добива овие информации ниту зошто му ги кажува овие работи на печатот“, рече Рубио.
Државниот секретар на Соединетите Американски Држави пред новинарите децидно подвлече дека институциите не вовеле никаква суспензија на податоците.
„Немаше никаков прекин“, изјави Рубио.
Тој упати критика за начинот на кој украинскиот претседател јавно комуницира вакви чувствителни прашања во медиумите. Рубио нагласи дека во овој клучен момент од конфликтот, светските лидери мора да останат насочени кон дипломатските процеси што треба да доведат до крај на воените дејствија.
Реакцијата на шефот на американската дипломатија следува по изјавите на Зеленски во неделното интервју за американската телевизија Ен-би-си њуз (NBC News), во кое украинскиот претседател изјави дека размената на разузнавачки информации била прекината извесен период за време на руските балистички напади, пред американските власти на крајот повторно да го воспостават каналот за пренос на информации.
На прашањето за поплаките од Украина дека Киев не добил навремени предупредувања пред руските балистички ракети да ја погодат престолнината во текот на изминатата ноќ, Рубио рече дека не може да ги коментира најновите воени операции, но додаде дека Европската команда на американските вооружени сили неодамна разгледала технички проблем со софтверот што влијаел врз системите за рано предупредување неколку дена претходно.
