Европската комисија сака да спречи повторување на случајот на Виктор Орбан меѓу идните членки на Европската Унија, додека подготвува планови за проширување на блокот кон исток од Европа во наредните години, пишува Гардијан.

Комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, презентираше предлози за посебни механизми за заштита кои треба да ја заштитат Унијата од лидери кои би можеле да ги прекршат демократските вредности и да го блокираат носењето одлуки.

„Нема да има повеќе Виктор Орбан. Потребни ни се побрзи механизми од само член седум ако новите членки одат против владеењето на правото, демократијата или нашите вредности“, рече Кос.

Според плановите што ги презентираше, секоја нова членка на ЕУ би била предмет на пробен период од 15 години. Во тој период, на државата би можело да ѝ бидат суспендирани правата на глас или да ѝ бидат одбиени средствата од ЕУ ако ги прекрши основните демократски вредности или принципот на лојална соработка со Унијата, пишува медиумот.

Воведувањето на овие мерки би барало согласност од земјите-членки на ЕУ.

Член седум од Договорот за Европската Унија им овозможува на земјите-членки да го одземат правото на глас од држава која ќе изврши „сериозно и постојано кршење“ на демократските вредности. Сепак, таа мерка како последен избор никогаш не беше активирана, и покрај долготрајните дебати за падот на демократијата во Полска и Унгарија под претходните влади.

Конечната санкција не беше изречена главно затоа што двата сојузници од централна Европа го искористија своето право на вето за да се заштитат едни со други.

Според новите предлози, прагот за суспендирање на правото на глас или изрекување други казни за кршење на демократските стандарди би бил помал.
„Ова е одлична вест и важна порака до граѓаните во земјите кои се поскептични во однос на проширувањето, бидејќи имаме многу силна рамка дури и ако нешто тргне наопаку по проширувањето“, рече еден функционер на ЕУ.

Сепак, функционерите признаа дека временски ограничениот механизам за заштита на крајот ќе истече.

„Доколку оваа заштита беше неограничена, ќе завршевме во ситуација каде што имаме членови од прва и втора класа“, рече Кос.

Повикот за построги механизми за заштита доаѓа во време на нов моментум во процесот на проширување на ЕУ. Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина беа издвоени како водечки кандидати.

Постојните 27 земји-членки на ЕУ мора едногласно да го одобрат приемот на нови членови, додека скептицизмот кон проширувањето е особено изразен кај гласачите во Франција и Чешка.

Кос, сепак, рече дека верува оти проширувањето е политички можно.

„Земјите-членки исто така разбираат што е во прашање“, рече таа, посочувајќи на борбата за влијание во Источна Европа и на Балканот. Таа ги нарече Русија и Кина „надворешни дестабилизирачки сили кои сакаат да ги придобијат нашите кандидати“.

Опишувајќи го проширувањето како „наш стратешки интерес“, Кос рече:

„Ако не сме во можност да го интегрираме нашето соседство, некој друг ќе дојде и ќе ги вооружи против нас“