Најмалку четири лица загинаа, а повеќе од 20 се повредени, во масовно пукање што се случило во бар на островот Света Елена, во американската сојузна држава Јужна Каролина, соопшти локалната полиција.

Според информациите, четворица од повредените се во критична состојба. Пукањето се случило во раните утрински часови, во момент кога во барот имало голем број посетители. По првите истрели, луѓето панично се разбегале од местото на настанот.

„Ова е трагичен и тежок инцидент за сите нас,“ се наведува во изјавата на шерифската служба на округот Бофорт.
„Апелираме за трпение додека продолжуваме со истрагата. Нашите мисли се со сите жртви и нивните најблиски,“ се додава во соопштението.

Засега не се познати ниту мотивот ниту идентитетот на напаѓачот или напаѓачите. Полицијата спроведува интензивна истрага и работи на утврдување на сите околности околу крвавиот настан.