Младиот македонски играч и репрезентативец Матеј Гаштаров го продолжи договорот со белградска Црвена Звезда до 2031 година. Оваа одлука значи дека перспективниот фудбалер ќе биде дел од поранешниот европски шампион најмалку уште пет години, доколку во меѓувреме не реализира трансфер во друг клуб, за што постојано се зголемува интересот.

Гаштаров е роден на 15 ноември 2006 година во Скопје, каде што ги направи своите први фудбалски чекори. Кариерата ја започна во младинските категории на Вардар, по што во август 2024 година се пресели на стадионот „Рајко Митиќ“.

На теренот настапува како дефанзивен играч од средниот ред, а стручниот штаб го цени поради неговиот квалитетен шут од далечина, големиот радиус на движење, прецизното додавање, прегледот на играта и борбениот дух.