Новогодишната желба на матичните општи лекари, гинеколозите и стоматолозите им се оствари, па по четири години преговори и разговори конечно добија покачување на капитациониот бод, што за нив ќе значи повеќе пари по пациент.

Од јануари наместо досегашните 63 денари по пациент, сега општите лекари и матичните гинеколози од Фондот ќе добиваат по 75 денари, што е голем исчекор, вели Д-р Лилија Чолакова Дервишова, Претседател на Здружението на матични лекари. Сепак бидејќи исплатите од Фондот се реализираат со доцнење од неколку месеци, повеќе пари на сметките на лекарите ќе им легнат во март или април до година.

Матичните лекари велат дека останатите барања, како што е наместо на името на докторот, пациентите да се впишуваат на ординацијата очекуваат да се реализираат понатаму. А некои од решенијата, очекуваат да бидат вметнати во новиот Закон за здравствена заштита кој е во подготовка.

Матичните лекари велат дека се се помалку на број, а младите што завршиле општа медицина, по специјализацијата заминуваат во странство. Поради ова, сметаат дека државата треба да има конкретна стратегија за да ги задржи белите мантили во земјава.