Мексико го прогласи недостигот на вода во северната држава Нуева Леон за прашање на „национална безбедност“, откако индустрискиот регион беше погоден од голема суша во последните месеци.

Сојузната влада во одлуката наведе дека водата треба да се користи како приоритет за јавна употреба и оти постојните федерални концесии за вода за приватни компании може да се модифицираат или намалат.

– Ќе можеме да гарантираме вода (во државата Њу Леон) уште осум до 10 години, рече претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор на редовна прес-конференција.

Незадоволството во густо населената област Монтереј, каде живеат околу 5,3 милиони луѓе, се зголеми во последниве месеци бидејќи властите воведоа намалувања во снабдувањето со вода за населението, дури и кога комерцијалните компании за флаширање и пиварниците продолжија да пумпаат милијарди галони вода годишно, во согласност со федералните концесии.

Во јуни, властите почнаа да го ограничуваат пристапот до проточна вода во урбаната област на само неколку часа наутро, што доведе до протести бидејќи некои жители беа без вода со денови, па дури и со недели.