Премиерката побара „почитување“ од американскиот претседател

Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја изрази својата „запрепастеност“ по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, со кои тој ја омаловажи улогата на сојузничките сили на НАТО во Авганистан.

– Италијанската влада со запрепастеност дозна за изјавите на претседателот Трамп дека сојузниците во НАТО биле ‘оставени позади’ за време на операциите во Авганистан – рече Мелони во официјално соопштение.

Таа истакна дека силното пријателство меѓу Италија и САД е уште понеопходно во време на глобални предизвици.

– Но, пријателството бара почит – фундаментален услов за продолжување на солидарноста што е темел на Атлантската алијанса – додаде Мелони.

Реакција на Трамп и контекст на италијанскиот придонес

Во интервју за „Фокс њуз“ во четвртокот, Трамп ја критикуваше улогата на другите земји-членки на НАТО за време на 20-годишниот конфликт во Авганистан, тврдејќи дека тие „останале настрана од линијата на фронтот“ и дека на САД „никогаш не им биле потребни“.

Мелони потсети на историското активирање на Членот 5 на НАТО по терористичките напади на 11 септември 2001 година.

– Италија веднаш застана рамо до рамо со своите сојузници, распоредувајќи илјадници војници и преземајќи целосна одговорност за Западната регионална команда, една од најважните оперативни области на меѓународната мисија – истакна таа.

Премиерката нагласи и високата цена што ја плати Италија:

– 53 италијански војници ги загубија животите, а повеќе од 700 беа ранети во борбени операции, безбедносни мисии и програми за обука на авганистанските сили. Затоа, изјавите што го минимизираат придонесот на земјите од НАТО во Авганистан се неприфатливи, особено кога доаѓаат од земја-сојузник – заклучи Мелони.

Реакција на италијанската дипломатија и одбрана

Претходно истиот ден, на изјавите на Трамп реагираа и шефот на италијанската дипломатија Антонио Тајани и министерот за одбрана Гвидо Кросето.

– Во однос на посветеноста на Италија, учеството на нејзините вооружени сили, нивните вредности и жртви, не можеме и нема да прифатиме површни и погрешни анализи. Од никого – напиша Кросето на социјалната мрежа „X“.