-Мерката за замрзнување на цените на неколку основни прехранбени производи меѓу кои и оризот е донесена за да се заштити стандардот на граѓаните со тоа што ќе се превенира нагло зголемување на цените. Оваа мерка е со ограничен рок до 31 јануари 2022 година. Инаку, Владата последните години покажа дека се грижи за оризопроизводителите и за поттик на производството. Субвенциите по обработлива површина со задолжително користење на семенски материјал од 12 илјади денари е зголемен двојно на 24 илјади, а за оние производители без задолжителна употреба на сертифициран семенски материјал субвенциите се зголемени од 6 илјади на 18 илјади денари. Доставени се и картички за зелена нафта со цел да се помогне во намалувањето на производствените трошоци за земјоделска механизација, посочи Арсовски на новинарско прашање дали се планира обесштетување на оризопроизводителите.
Дополнително, рече тој, Владата ги исплати и субвенциите за полјоделски култури од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството во вредност од околу 640,5 милијарди денари, пари во кои влегуваат и субвенциите за оризопроизводителите кои се исплатени на сметките на над две илјади субјекти.
Владата вчера на предлог на Министерството за економија, донесе одлука да се замрзнат цените и на оризот, тестенините и јајцата до 31 јануари 2022 година со што се проширува листата на производи за кои ќе важат цените кои се применувале на 1 декември 2021 година во трговијата на мало и на големо.
Министерот за економија Крешник Бектеши на својот фејсбук профил, информира дека целта на одлуката е да се спречи натамошно пореметувањата на пазарот и отстранат штетните последици од пореметувањето на пазарот во поглед на снабдувањето на населението со основните прехранбени производи.
Владата на 4 декември донесе одлука да се замрзнат цените на лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо и сувомесни производи, сирењето и урдата, нема да се менуваат до крајот на јануари. Замрзнувањето на цените важи во трговијата на мало и на големо. Од Владата најавија и дека одлуката за определување највисоки цени на основни прехранбени производи, може да биде продолжена и по 31 јануари 2022 ако тоа и натаму го бара состојбата на пазарот.