Стабилизација на цените на храната и речиси нулта инфлација во април
Цените на основните прехранбени производи остануваат стабилни, а инфлацијата речиси и да не постои, благодарение на владините антикризни мерки, изјави министерот за економија Бесар Дурмиши на денешната прес-конференција.
Според податоците што ги презентираше министерот, годишниот раст на цените на храната изнесува само 0,3%, додека во споредба со крајот на 2024 година, има намалување од 1,3%. Инфлацијата во април е речиси нула, а на годишно ниво изнесува 2,6%, што укажува на стабилизирање на економските текови.
„Економијата е постабилна, граѓаните не се соочуваат со неподносливи поскапувања“, изјави Дурмиши, посочувајќи дека најголема заслуга имаат мерките за ограничување на маржите на основните прехранбени и хигиенски производи, воведени од почетокот на годинава.
Индустриското производство во март порасна за 5,2% – Мицкоски ја поздрави позитивната вест
Владата подготвена за нови чекори ако цените повторно пораснат
Министерот истакна дека државата е подготвена да реагира ако трговците се обидат да ја злоупотребат ситуацијата. Во таа насока, се разгледуваат неколку можни нови мерки:
Проширување на листата на производи со ограничени цени
Воведување маржи за сите производи
Зголемување на постојните ограничувања
„Секојдневно ја следиме динамиката на цените преку соработка со Пазарниот инспекторат. Засега нема значителни покачувања, но подготвени сме да интервенираме веднаш ако е потребно“, нагласи Дурмиши.
Извор: Плусинфо