Берлин и Париз предлагаат постепена интеграција на кандидатите во европските институции
Германија и Франција подготвуваат нова иницијатива со која би се забрзал европскиот пат на земјите од Западен Балкан. Планот предвидува кандидатите да добијат дел од придобивките од членството уште пред официјално да станат дел од Европската Унија.
Иницијативата треба да биде претставена на Самитот ЕУ – Западен Балкан и Молдавија, а зад неа стојат германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон.
Во заеднички документ на Берлин и Париз се наведува дека е потребен нов пристап кон проширувањето, со постепено вклучување на земјите кандидатки во европските политики и институции.
Според предлогот, државите кои ќе исполнат одредени услови би добиле привилегиран пристап до заедничкиот европски пазар, како и можност да испраќаат набљудувачи во институциите на ЕУ.
„Политиката на проширување има потреба од нов импулс“, се наведува во документот.
Средба меѓу Мерц и Мицкоски во Тиват
Во рамки на самитот во Тиват, Мерц треба да оствари билатерални средби со премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, како и со претседателите на Црна Гора и Србија, Јаков Милатовиќ и Александар Вучиќ.
Според информации од германски владини кругови, во разговорите ќе доминира темата за европската перспектива на шесте земји од Западен Балкан и можностите за нивна побрза интеграција во институциите и политиките на Унијата.
Мерц и претходно се залагаше за пофлексибилен пристап во процесот на проширување. Тој предложи постепена интеграција на државите од Западен Балкан, како и условено членство за Украина. Киев, сепак, ја отфрли оваа идеја и останува на ставот дека целта е што побрзо полноправно членство во ЕУ.
Самитот ЕУ – Западен Балкан се одржува денеска и утре во Тиват.
