Британската безбедносна служба МИ5 ги предупреди домашните одбранбени компании за зголемен ризик од руски напади, вклучително и подметнување пожари, поради нивната поддршка за Украина. Британските разузнавачи одржаа затворен состанок со директорите и раководните лица на воената индустрија за да ги информираат за заканите што доаѓаат од Москва, пишува „Политико“.
По состанокот, Националната управа за заштитна безбедност (NPSA), безбедносното одделение на МИ5, објави јавно предупредување. Во него се наведува дека британските организации кои ѝ помагаат на Украина во војната се мета на руската држава. Овој потег следува по зголемувањето на бројот на обиди за саботажи на воени објекти низ Европа во текот на оваа година.
Дополнителни мерки за заштита
Иако Велика Британија веќе ја штити својата клучна национална инфраструктура и одбранбените компании, вклучително и со специјални полициски единици на нуклеарните локации, како и со ангажман на разузнавачките и антитерористичките агенции, државата сега бара и самите компании да преземат конкретни чекори за сопствена заштита.
Британската министерка за вооружените сили, Луиз Сандер-Џонс, по состанокот изјави дека на одбранбените компании им е наложено да преземат „практични чекори за заштита на своите вработени, технологија и синџири на снабдување“ поради зголемената руска закана.
Мерките вклучуваат отстранување на информации за компаниите од нивните интернет-страници и профили на социјалните мрежи. Ова се однесува на податоците за воените објекти, видовите оружје што ги произведуваат, деловните активности и работните позиции на вработените.
NPSA, исто така, им препорача на вработените во одбранбените компании „да избегнуваат предвидливи рутини секогаш кога тоа е можно“. Целта е да им се отежне на Русија, нејзините посредници или разузнавачките служби планирањето напади.
Обвинение за планирање саботажа
Во септември, британски државјанин од Свиндон беше обвинет за кривични дела против националната безбедност. Според обвинението, тој учествувал во планирање саботажа на фабрики за производство на беспилотни летала во име на руската воена разузнавачка служба ГРУ.
