Следната седмица во Скопје се очекува нова министерска тројка – од Германија, Франција и Полска. Денеска, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ им прати порака…

„Повторно ќе кажам, доколку доаѓаат за уставните измени, нашата порака е иста, нашите аргументи се исти од таа страна не слушам нова поента и ако доаѓаат за тоа, навистина ќе бидам и загрижен бидејќи на овој народ овде, последна работа што му паѓа на памет се уставните измени. Луѓето имаат реални проблеми, како да го поминат месецот од први до први.“, изјави Христијан Мицкоски, претседател од ВМРО-ДПМНЕ.

Вината за можниот застој во евроинтеграциите, што како опција ја најавија европските министри доколку нема уставни измени, Мицкоски ја префрли кај власта. „Задоцнување во процесот ќе има зашто владата на Ковачевски потпиша договор под бугарски диктат кој народот не го прифаќа“ – тврди шефот на ВМРО-ДПМНЕ, пренесува Voanews.

– Вчера разговарав со тројцата министри за надворешни работи од Австрија, Чешка и Словачка, имавме аргументирана дебата во Парламентот, ги кажавме нашите ставови, тие ставови се исти, непроменети, и ако некој ја изолира Македонија, тоа се криминалците од власта поради нивото на криминал и неспособност да спроведат реформи. Промената на Уставот не е критериум за изолирање на Македонија, а од друга страна од истите тројца добив уверување дека во ниту еден момент не го кажале зборот изолирање, туку рекле ќе има задоцнување во процесот – рече Мицкоски.