Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денска на новинарско прашања поврзано со аферата Броило посочи дека станува збор за голем скандал каде наместо да им се помага на граѓаните и на стопанството, некој седи и ги брои парите кои што ги добива од државата.

-Ние секојдневно држиме прес конференции и информираме јавноста во услови на енергетска криза некој богами добро се офајдува и некој добива помош, брои евра на грбот на граѓаните, аферата има вредност од 26 милиони евра. Шокантно. Наместо да им се помага на граѓаните и на стопанството, некој седи и ги брои парите кои што ги добива од државата како поддршка за инвестиции, за развој или веќе не знам за што, а воедно од друга страна злоупотребува и државни тендери, се тргува со влијание, така што сето ова претставува навистина еден голем скандал кој што ве повикувам вас медиумите да го истражите до детал и јас можам да предупредам дека за сето ова ќе има и одговорност. Дури и во текот на вчерашниот ден колку што можев да видам еден од учесниците во овој скандал доби и кривична пријава за еден таков тендер во општина Гази Баба за јавно осветлување, ако не се лажам, рече Мицкоски.

Мицкоски во текот на своето обраќање истакна дека се следи целиот случај со оваа афера и укажа дека постои сомневање за сторен криминал и дека за сето ова ќе следи одговорност бидејќи не може во услови на голема енергетска криза кога се губат работни места, кога се затвараат бизниси, некој да профитира на грбот на граѓаните.

-Така што внимателно го следиме целиот случај и веднаш после ослободување на Македонија и институциите од оваа влада јас можам да ви кажам дека детално лично ќе се занимавам со сето ова и дека лично ќе навлезам во суштината на овој проблем, а постои основано сомневање за сторен криминал и доколку тоа се потврди нормално низ една фер и транспарентна судска истражна постапка мора луѓето да одговараат бидејќи не може во услови на голема енергетска криза кога се губат работни места, кога се затвараат бизниси, некој да профитира на грбот на граѓаните, додаде Мицкоски.