Чекорите и реформите се важни, билатералните прашања не треба да одлучуваат

Премиерот испрати силна порака по лидерскиот самит, нагласувајќи дека по повеќе од две децении европски процес, државата мора да се оценува исклучиво според исполнетите реформи. Во изјавата потенцира дека билатералните прашања не смеат да бидат услов што го одредува пристапниот пат, истакнувајќи дека токму реформската испорака е вистинската мерка на напредок. Паралелно со тоа, премиерот се осврна и на темпото на Владата во рамките на развојниот план, со очекување дека најголемиот дел од останатите чекори ќе се финализираат до крајот на годинава или кратко потоа.

На новинарското прашање за потребата европските партнери да оценуваат според резултати, а не преку билатерални условувања, Мицкоски одговори:

„Доволно долго сме во овој процес повеќе од 25 години, 20 години откако сме земја кандидат и навистина тоа што ние го доживеавме попатно не би сакал никој друг да го доживее. Но, очигледно е дека кога еднаш ќе воспоставите некој исклучок како правило тоа станува правило и понатаму и другите земји членки можат да се повикаат на тој исклучок кој што претходно е воспоставен и да прерасне како правило. Така што навистина не гледам повеќе суштина ако билатералните проблеми и билатералните спорови се тие кои што одлучуваат дали земјите треба да станат полноправни членки во рамките на ЕУ. За мене суштината која што ја гледам е испораката, реформите, чекорите кои што ги исполнуваат. И се додека тоа е врз системот на испорака, тогаш апсолутно ние како држава ќе бидеме компетитивни и убеден сум дека ние ќе бидеме тие кои што први ќе стигнат до конечната цел.“

Следеше прашање дали се чувствува омекнување на ставовите во рамките на Унијата, на што премиерот одговори:

„Па зависи во кој дел. Јас повеќе сум концентриран овде на чекорите кои се дел од развојната агенда, односно развојниот план. Оние чекори кои што останаа во грејс период, а кои што претходно не беа испорачани, поради паузата за локалните избори, ние веднаш после завршувањето на локалните избори се фативме за работа и жестока испорака и до крајот на годината очекувам најмалку 8, а можеби и 10 од 12 неисполнети чекори, да бидат реализирани. Остануваат 2 проблематични. Првиот е субвенцијата за електричната енергија која што Владата преку своите механизми ја овозможува за граѓаните, бидејќи цениме дека доколку тоа не се случи, сметките за електрична енергија на граѓаните ќе се поскапат за најмалку 35, 40 проценти. И тој чекор рековме не можеме да го исполниме и нема да го исполниме во овој момент. И вториот е адаптацијата на Изборниот законик. Знаете таму какви политички гимнастики се случуваат во парламентот и тој е еден од оние закони во кои што пратениците можат да прават филибастеринг во рамките на парламентот. Така што се останато, останатите 10 за нас се реалност и мислам дека ќе успееме во рамките на крајот на оваа година или евентуално во првите 2 недели од следната година да го испорачаме тоа.“