Скопје заслужува градоначалник кој ќе гледа на градот како на свој дом, а не човек преполн со неоправдана ароганција, самобендисаност чија неработа само ги продлабочува проблемите. Денес Скопје е замрено, со Скопје се експериментира. Шилегов на градот гледа како на банка од која се печали за уште некоја куќа, некој стан или зграда повеќе на личното конто. На овој град не му треба Шилегов, а гледаме дека на Шилегов му треба Скопје, и само затоа што без него нема да има повеќе лукративни бизниси и имот кој се дуплира секоја година повеќе. На Скопје му треба работник, човек кој е спротивност на тоа што е Шилегов – рече лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг на кој пред скопјани се претставува независниот кандидат за градоначалник, Данела Арсовска, зад чија кандидатура застана ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски за противкандидатот на Арсовска, Петре Шилегов и неговата матична партија, СДСМ вели ветуваа многу и излажаа.
Ќаруваат и од асфалтот со кој ги крпат дупките, затоа што цените им се двојно поголеми. А најгласни беа кога велеа дека нема да се гради повеќе неплански и дека ќе имало мораториум. Не е невозможно да се сопре пренагласената урбанизација и зградите кои никнуваат сè повеќе, потребно е само да се разбие пактот меѓу криминалните структури и политичарите, кога криминалците веќе нема да бидат едно исто со политичарите кои за пари им овозможуваат привилегии на првите, таа комбинација погубна за народот чиј епилог го гледаме секој ден во бетонот кој се издига – рече Мицкоски.
Лидерот на опозицијата посочи дека Данела Арсовска не е политичар, и никому не должи, и нема потреба да станува успешна преку функцијата на која претендира.
На градот му е неопходен менаџер кој ќе решава проблеми, а не градски татко кој ќе ги става под тепих. Данела е гласот на независните луѓе, но и човек кој знае да обединува од сите партии, од сите групации, но и да предводи. Заокружувањето на бројот 82 на гласачкото ливче за градоначалник на Скопје ќе значи поддршка на Данела за Скопје, за градоначалник кој ќе создава модерен град, град кој ќе биде поврзан, кој ќе комуницира, кој ќе биде средиште на настани и случувања – искоментира Мицкоски.
Тој нагласи дека советничката листа во Скопје ја предводи професор доктор Трајко Славески под бројот 7, искусен човек, докажан професионалец, кој со Данела ќе бидат одличен тим и добитна комбинација за развој на градот.
За Скопје кое е поврзано, за Скопје кое е зелено, кое има модерни сообраќајни решенија, почист воздух и запрена бетонизација. Се бориме за модерно Скопје и резултати кои ќе дојдат брзо и сигурно.
Мицкоски вели ова е наша заедничка борба, народот наспроти корумпираната власт.
Ова се локални избори со суштинска важност за правецот по кој ќе се движи државата. Ова се избори каде со вашиот избор праќате порака до власта. Вашиот глас е порака до тие коишто ја водат земјава 52 месеци по ред. Дали сакате да владеат со апсолутната власт уште 4 години или сакате промени? Затоа се обраќам до народот на Македонија, до Македонците, се обраќам до Албанците, до Турците, се обраќам до Ромите, до Власите, до Србите, до Бошњаците, до мажите и жените на нашата Македонија, од вас зависи дали ќе создадеме нова иднина, или ќе продолжиме со назадување, со лажни надежи, поделби и апатија – рече Мицкоски.