На заедничката прес-конференција со косовскиот премиер Албин Курти, Мицкоски рече дека на комерцијални летови на Скопскиот аеродром се следат јасни меѓународни стандарди и процедури на кои што е подложен и самиот тој, како и македонската претседателка и сите официјални лица кои поминуваат низ ВИП делот, пренесе СДК.
„Според информациите кои што ги добивме од официјални лица на аеродромот е дека се следат јасни, прецизни меѓународни стандарди и процедури на комерцијални летови. На вакви процедури сум подложен и јас како македонски премиер и македонската претседателка и сите официјални лица кои го поминуваат ВИП делот, иако јас не го користам тој дел, туку делот како и сите граѓани. Но, тоа предизвика кај нас чувство со кое што жалиме и не сакаме да се повтори. Јас лично истакнав дека претседателката на Косово е добредојдена, како и сите граѓани од Косово, и лично следниот пат ако добијам навремено информација, ќе ми биде задоволство да ја пречекам домаќин на аеродромот и додека не отпатува од Скопје да ја придружувам во времето кое ќе го помине на Скопскиот аеродром за да избегнеме ваков тип на инциденти, а особено однесување на поединци што е наш проблем и ние сами ќе си го решаваме. Добрососедските односи се двонасочна улица и сакаме со Косово да имаме плодни и искрени добрососедски односи“, кажа Мицкоски.
Курти рече дека станува збор за тешко искуство на претседателката на Косово Вјоса Османи на 1 август на аеродромот во Скопје.
„Таа беше со семејството, со две мали ќерки, државниците на Северна Македонија изразија жалење за случајот и ќе почекаме на официјалниот извештај и истрагата за да разбереме што точно се случило и да не ни се повторат никогаш вакви ситуации“, кажа косовскиот премиер, кој денеска е во посета на Скопје.
Косовската претседателка Вјоса Османи на 1 август на Меѓународниот аеродром Скопје при патување со комерцијален лет одбила да го предаде приватниот телефон и рачниот багаж на безбедносна контрола на скенер пред влез во авионот, па нејзините телохранители предизвикале инцидент. По половина час, дошло лице – полициски службеник од обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши со уште две лица (полициски службеници) и почнал да им се заканува на вработените во ТАВ, да бара кој ѝ направил проблем на претседателката Османи. При тоа турнал и полициски службеник вработен на граничниот премин.
Прашан за информациите дека член од обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши вперил пиштол во македонски полицаец, Мицкоски рече дека додека е тој премиер нема да има луѓе над законот.
„Доколку има кривично дело констатирано, тој ќе биде изведен пред лицето на правдата. Не постојат луѓе кои се над законот, барем додека јас сум премиер. Ако ова што вие го тврдите се потврди, бидете сигурни дека за тоа лице ќе има одговорност“, изјави Мицкоски.