Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО ДПМНЕ на припадниците на албанскат заедница во Македонија им го честита Денот на албанската азбука 22 Ноември.

Македонија е земја за пример во која се уважуваат и почитуваат јазичните и културните особености на сите нејзини граѓани. Оттука јазичното и културно богатство на Албанците во Македонија е нераскинлив дел од македонскиот мозаик, кој е пример за заедништво, взаемна почит и разбирање граден низ вековите, се вели во честитката на Мицкоски.

Тој додава дека Албанците во Македонија знаат дека Македонците и сите останати кои живеат во државата се нивните најблиски со кои можеле и можат да ги споделат сите предизвици и тешкотии.

Заедно ја делиме судбината и заедно мораме да ја градиме иднината. Затоа не треба да бидат жртви на политичките игри на власта, кои преку раздорот и недоразбирањата сакаат да градат лични богатства на сметка на грбот на се посиромашните граѓани. Во овие тешки години на економски колапс, неуспеси, трагедии и погазено достоинство на секое семејство во Македонија, без разлика дали тоа се Албанци, Македонци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци или останати, мораме да стоиме заедно сплотени и да градиме заеднички патриотизам, како основа на подобро заедничко утре.

Заедно да се спротивставиме на поделбите кои носат поголемо иселување, поголема сиромаштија, поголема апатија и бесперспективност. Додека нечии приватни банкарски сметки растат, Македонија ја имаме се помалку. Додека нечии имоти се зголемуваат се намалуваат жителите и на Тетово и на Струмица, и на Чегране и на Зрновци, и на Кичево и на Куманово.
Да застанеме заедно против оние кои ни ја крадат иднината и заедно да создадеме патриотизам во кој најдобрите ќе работат за перспективата наша и на нашите идни поколенија, се вели во честитката на Мицкоски по повод Денот на албанската азбука.