Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука, упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република  Македонија.

-Почитувани сограѓани Албанци, нека е честит 22 Ноември, Денот на албанската азбука. На овој празник се потсетуваме на еден од најважните моменти од развојот на албанскиот јазик и култура. Свесни дека, според зборовите на Ѓерѓ Фишта, се собрани за да ја изберат азбуката, којашто ќе биде најполезна за образовно и културно издигнување на народот, делегатите на Битолскиот конгрес во 1908 година донеле историски одлуки за унифицирање на албанската азбука. Со тоа, тие го отворија патот за натамошен образовен и културен развој на албанскиот народ и го отклучија творечкиот потенцијал на генерации автори кои ќе создаваат вредни книжевни дела, наведува Пендаровски.

Претседателот во честитката нагласува и дека со чествувањето на овој празник, се потврдува посветеноста на Република Македонија кон негувањето на соживотот во македонското мултиетничко и мултијазично општество.

-Соживотот е плод на довербата која, пак, фаќа корен тогаш кога луѓето го почитуваат и поддржуваат идентитетот на другиот. Ваквата доверба е неопходна за поуспешно да се справуваме со нашите заеднички предизвици и да градиме праведно општество со еднакви можности за сите македонски граѓани, истакнува Пендаровски.