Нова енергија и фокус на резултати за граѓаните
„Штотуку заврши седницата на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ каде зборувавме за новите кадровски решенија во партијата, но и кадровски нови решенија во владата“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција посветена на реконструкцијата на владата.
Тој нагласи дека реконструкцијата означува почеток на нова фаза во работењето на извршната власт. Според него, изминатите две години биле период на „сериозни предизвици, поставување темели, стабилизација на состојбите и реализација на крупни проекти“.
„Сега следува период во кој фокусот уште повеќе ќе биде ставен на ефикасноста, динамиката и испораката на резултати за граѓаните. Нова енергија за ново забрзување“, додаде Мицкоски.
Тој порача дека принципот на работа останува непроменет и се однесува на сите функционери.
„Секој функционер мора да биде достапен, одговорен и целосно посветен на работата. Тоа останува принцип од кој нема отстапување“, рече премиерот.
Кадровски промени во владата и нови ресори
Мицкоски ги соопшти и новите решенија во составот на владата, нагласувајќи дека се прават со цел зголемување на ефикасноста и динамиката.
„ВМРО-ДПМНЕ во продолжение од функционирањето на оваа Влада ќе го раководи ресорот Министерство за социјална политика, демографија и млади. Таму нов министер ќе биде досегашниот заменик министер, а тоа е Ѓоко Велковски“, изјави тој.
Во делот на здравството, како што рече, нов министер ќе биде Сашо Клековски, досегашен директор на ФЗО. На негово место ќе дојде Златко Перински, додека за министер за локална самоуправа е предложен Иван Стоиљковиќ.
„Министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на стратегијата за инклузија на Ромите ќе биде Ерџан Демир“, додаде Мицкоски.
Тој информираше и за учеството на коалициските партнери во владата.
„Од политичката партија ВРЕДИ ќе бидат номинирани нови министри во Министерството за правда, култура и туризам и Министерството за односи меѓу заедниците“, рече премиерот.
„Додека политичката партија ЗНАМ ќе номинира во Министерството за земјоделие, водостопанство и шумарство“, додаде тој.
Нови структури во партијата и порака за забрзување на реформите
Мицкоски најави и организациски промени во партијата, нагласувајќи дека целта е освежување на кадровската структура.
„Три Општински Комитети добиваат нови претседатели“, рече тој, наведувајќи промени во Кичево, Битола и Прилеп.
Тој информираше дека ОК Кичево ќе го предводи Дејан Пандилевски, ОК Битола Горан Исков, а ОК Прилеп Христијан Туневски.
„Со ова практично ја затвораме целокупната структура на ИК“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека се избрани и нови раководства во младинските и женските структури.
„За нов претседател на Унијата на млади сили е избран Тодор Конески, а за нова претседателка на Унијата на жени е избрана Марија Митева“, рече премиерот.
„Нова енергија“ како политичка порака
Мицкоски порача дека сите промени се насочени кон поголема ефикасност.
„Сите овие смени и во рамките на партијата и во рамките на владата имаат за цел да внесат нова енергија, да додадат вредност во квалитетот на работење“, изјави тој.
„Новата енергија е нов импулс за уште повеќе работа, забрзување на реформите, економијата, капиталните инвестиции и промените што граѓаните ги очекуваат и заслужуваат“, додаде Мицкоски.
