Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ после изјавата која ја даде во општина Карпош, непосредно пред почнувањето на трибината насловена „Промоции на политики – Македонија за сите луѓе“, беше запрашан за став по однос на новиот изборен модел за претстојните локални избори при што е предвидено да има отворени листи за избор на општинските советници.
Тој истакна дека овој предлог е предложен и е осмислен како да изгледа и како да се примени, токму од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а не како што денеска тоа го презентираше Зоран Заев изразувајќи задоволство дека за ваков изборен модел се согласи ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски посочи дека кога веќе Заев нема храброст тоа да го признае пред јавноста барем пред себеси да ја признае вистината околу концептот за отворените листи.
„Во делот на новиот концепт за отворени листи каде што изрази задоволство, што опозицијата го прифатила нивниот предлог за отворени листи, претпоставувам барем пред себе треба да си ја признае вистината околу концептот за отворени листи. Ако нема храброст тоа да го каже во јавноста, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не само што го прифати туку и ВМРО-ДПМНЕ го предложи концептот и начинот како би изгледало тоа законско решение иако тој вчера, како познат препишувач, кажа дека тоа било нивен предлог и дека ние како ВМРО-ДПМНЕ сме го прифатиле, рече Мицкоски.
Напротив, додаде Мицкоски, предлогот е на ВМРО-ДПМНЕ а СДСМ и Зоран Заев го прифатија, но и тоа е ирелевантно.
Тој цени дека тоа е еден нов квалитет на политичката сцена, каде што индивидуи кои што се силно мотивирани, кои што ценат дека имаат и уживаат углед во средините од каде што потекнуваат, ќе имаат можност тоа, практично и да го покажат без разлика на кое место на листата на советници се наоѓаат.