Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р. Христијан Мицкоски заедно со градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов во рамките на активноста „Промените се случуваат, секогаш со народот“, присуствуваа на отворање на повеќенаменско спортско игралиште во населба Баби, општина Штип каде беше дадена и изјава за медиумите.
Запрашан за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за четири работни групи да ѝ помогнат на Владата за излез од кризата кој беше одбиен од власта, Мицкоски истакна дека жали што во Владата нема мудрост и државотворен капацитет во моменти кога на народот му е потребно обединување.
-Жалам што во СДСМ и во владата нема мудрост ниту државотворен капацитет и жалам што не постапуваат вака во моменти кога на народот им е потребно обединување. Она кое што го гледаме од Ковачевски но и од останатите во Владата, но и од СДСМ, е сѐ само не она што му е потребно на народот. Не можам да ги разберам. Зарем толку им се битни жолтниците, тендерите во четири очи и привилегиите кои што на грбот на овој напатен народ ги уживаат. Не можам да разберам како можат денот да го започнуваат и да го завршуваат кога знаат дека огромно мнозинство граѓани сакаат ова влада да замине и огромно мнозинство македонски граѓани велат дека Македонија се движи во погрешна насока, потенцираше Мицкоски.
Тој додаде и дека очекуваше Ковачевски кога веќе одлучил да ја одбие подадената рака од страна на ВМРО-ДПМНЕ, наместо да се крие зад статуси на социјалните мрежи, да се охрабри и да излезе на прес конференција.
-Очекував малку повеќе аналитичност и очекував да се охрабри Ковачевски да излезе пред медиумите и ако веќе одлучил да ја одбива подадената рака од мене, од ВМРО-ДПМНЕ тоа да го направи на отворена сцена и да не се крие позади статуси на социјалните медиуми или да испраќа непознати ликови да тоа го прават место него на прес конференции, подвлече Мицкоски.
Тој уште еднаш изрази жалење што власта неодговорно се однесува и порача дека набргу на сето тоа ќе му дојде крајот.
-Ќе завршам како што започнав. Жалам што нема мудрост и само неодговорно однесување гледам во Владата и во Ковачевски, но набргу од денеска на сето ова ќе му дојде крај, заврши Мицкоски.