Ако не се почитува Договорот од Преспа нема да има поместувања на европскиот пат на Македонија, доколку нема почитување на Договорот од Преспа, повторно деновиве предупреди грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, до идните власти во земјава, откако новата претседателка Гордана Силјановска Давкова избегна да изговори Република Северна Македонија за време на нејзината инаугурација, но и по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Хрстијан Мицкоски, дека и тој нема да го користи името Северна Македонија.
Мицотакис во интервју за грчкиот националниот сервис ЕРТ, изјави дека тие ги следат изјавите на идниот премиер, но ќе ја почекаат официјалната позиција на новата влада во земјава, иако, како што вели првичните примери се екстремно негативни.
„Сакам да потсетам дека не гласавме за Договорот од Преспа, бидејќи изразивме силна резерва за тоа што со овој договор се признава македонската нација и македонскиот јазик. Тоа беше главната причина што не гласавме за договорот. Но, по прашањето за името има многу јасно повлекување и сакам уште еднаш да упатам предупредувачка порака до новата влада, отсега да ја смени линијата. Да се почитува оваа централна одредба од Договорот од Преспа, да се користи само името Северна Македонија во и надвор од државата, кога се споменува нашиот северен сосед. Во спротивно, сигурно е дека ќе создадат проблеми не само во односите на Грција со Северна Македонија, туку и во односите на Европа со Северна Македонија, изјави Мицотакис.