Данска, Гренланд и Соединетите Американски Држави утре треба да потпишат договор за безбедноста на Гренланд. Потпишувањето се очекува на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, но содржината на документот сè уште не е објавена.

Според Копенхаген, договорот треба да ја постави безбедноста на Арктикот во поширока рамка на НАТО, наместо таа да остане исклучиво во надлежност на Данска и САД. Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, тврди дека Вашингтон со договорот добива „трајна контрола“ врз безбедноста на Гренланд.

Данската и гренландската влада не го коментираа директно неговото тврдење. Тие порачаа дека договорот треба да му користи на арктичкиот остров и да го почитува неговиот суверенитет.

Документот следува по повеќемесечниот притисок од Трамп, кој повеќепати тврдеше дека САД треба да го контролираат Гренланд. Американскиот претседател не ја отфрли ниту можноста за употреба на воена или економска сила за преземање на данската автономна територија.

Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен изјави дека договорот ќе биде поставен така што одговорноста за безбедноста на Арктикот нема да ја имаат само Данска или САД.

„За тој регион во голема мера ќе се грижи НАТО“, нагласи Расмусен.

Засега не е познато дали новиот договор ќе го измени постојниот одбранбен договор од 1951 година, кој е правна основа за американското воено присуство на Гренланд. Улрик Прам Гад од Данскиот институт за меѓународни студии смета дека актуелната криза би можела да се искористи за дополнително зајакнување на единството во НАТО преку прашањето за островот.

Интересот на Вашингтон за стратешката положба на Гренланд датира од Втората светска војна. Во 1941 година, САД склучиле договор со данскиот претставник Хенрик Кауфман, кој дејствувал без овластување од својата влада во период кога Данска била под германска окупација.

Вашингтон со договорот сакал да спречи Гренланд да падне под германска контрола и да ја обезбеди северноатлантската маршрута меѓу Северна Америка и Европа. САД потоа изградиле аеродроми, поморски постројки и метеоролошки станици, а до 1943 година на островот имало околу 5.500 американски воени лица.

Американскиот претседател Хари Труман во 1946 година се обидел да го купи Гренланд за 100 милиони долари во злато, но Копенхаген ја одбил понудата. Наместо продажба, во 1951 година бил склучен нов договор со кој американската војска добила значителни права на островот, но во рамките на НАТО.

За време на Студената војна, САД имале 17 воени локации на Гренланд со повеќе од 10.000 припадници на вооружените сили. Денес на островот останала базата Питуфик, во која има околу 150 лица.

НАТО неодамна го поздрави најавениот договор, оценувајќи дека тој ќе придонесе за унапредување на безбедноста, стабилноста и соработката во Арктичкиот Регион.

Расмусен, кој отпатувал во Њујорк, не откри детали од документот. Тој истакна дека Данска од почетокот била подготвена да ги уважи легитимните безбедносни интереси на САД.

Трамп во меѓувреме на платформата „Трут соушл“ напиша дека договорот на САД им обезбедил „трајна контрола над безбедноста и сите други потреби на Гренланд“. Тој додаде дека ниту еден противник на САД нема да може да воспостави база или воено присуство на островот без писмено одобрение од Вашингтон.

Данска не одговори директно на ова тврдење. Копенхаген претходно призна дека со децении не инвестирал доволно во одбраната на Гренланд и се обврза да го зголеми своето воено присуство на островот, вклучително и преку поголемо присуство на сили на НАТО.

Гренландската влада се обидува да ја смири јавноста пред потпишувањето. Опозицискиот пратеник Ерик Јенсен изјави дека го прочитал нацртот на договорот и оти не е загрижен, оценувајќи дека министерот за надворешни работи на островот добро ја извршува својата работа.