Царовска ја обвини опозицијата дека ги манипулира родителите, наставниците и учениците со цел, како што вели таа, да ја блокираат реформата.

-Денеска добивте шамар од Сојузот на средношколци, кој рече дека не е учесник во бојкотот. Ќе може да се изберат книги во печатени, или дигитална форма, но тоа нема да биде во PDF-формат, како што можеби си замислувате вие во вашите глави. Ќе ги доближиме содржините до младите кои живеат во дигитален свет, сакале ние или не, рече Царовска.

Таа додаде дека со реформата со дигитализирање на учебниците младите ќе бидат подготвени и за работниот процес.

Инаку претставници на неформалната фејсбук група на родители денеска одржа прес конференција на која побараа стопирање на постапката за измена на законот за учебници и дидактички материјали. Во обраќањето тие оценија дека предложеното законско решение не ги решава проблемите во образованието туку ќе создаде нови, наведувајќи дека секое седмо дете во државата нема дигитален уред или пристап до интернет.