Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, е во официјална посета на Хрватска, каде што имаше средба со претседателот, Зоран Милановиќ. Тој коментираше за долгогодишниот процес на пристапување на Македонија кон Европската Унија, нагласувајќи дека на земјата ѝ се поставуваат премногу барања и услови. Тој рече дека Македонија сама одлучува за својот пат, објави Индекс.хр.

„Македонија сама одлучува што е подобро за неа и кој пат ќе го избере, претпоставувам дека тоа е патот на просперитет, мир и спокојство за граѓаните на Македонија. А вториот, вклучувајќи ги ЕУ и НАТО, е фасада, еден вид енергетска обнова, но она што прави куќа е внатрешноста. Ова се мои мисли, тие не се совет дури ни за соседот до кој живеам, а камоли за целата земја и народ. Ова важи и за Хрватска, ЕУ е надградба, но никако зграда. Нашата куќа и традиција се на наша земја, а ЕУ е добредојдена сезонска приказна додека трае. Тоа е тоа. Има живот без ЕУ, и тој е успешен и достоинствен“, рече Милановиќ.

Индекс.хр пренесува дека македонската претседателка се согласила и со оценката дека кандидатскиот статус трае предолго.

„Посветено тргнавме по овој пат, добивме околу дваесет или повеќе позитивни извештаи, но преговорите сè уште не се одржаа. Од нас се бара да правиме најчудни работи. Од нас се бара да го промениме уставот“, рече Сиљановска-Давкова.

Таа истакна дека бара совет од други земји, како што се Албанија и Црна Гора, но нагласува дека нејзината земја бара Брисел да ги укине двојните стандарди и напредокот да се оценува според истите критериуми што важат за другите земји